Со намалени приходи од продажба „Гранит“ ја зголеми добивката безмалку двојно!
„Гранит“ просечно дневно имал приход од продажба од 186.000 евра, а оперативен расход дневно од 183.300 евра. Добивката по акција е 64 денари и е 80 отсто повисока од профитот за истиот период лани
Најголемата македонска градежна компанија „Гранит“ остварила 334 милиони евра приходи од продажба во првата половина од годинава, односно приходи од 186.000 евра просечно дневно. Од тоа во добивка за овој период се слеале 3,2 милиони евра, покажуваат официјалните консолидирани неревидирани биланси што беа објавени на Македонската берза за хартии од вредност.
Анализата на биланси во најкратки црти укажува на следново: „Гранит“ ја зголемил добивката безмалку двојно во споредба со лани и тоа во услови кога му се намалени приходите од продажба за 7 отсто (165,4 милиони денари помалку). Растот на профитот се должи на значително намалени оперативни расходи кои годинава се за 6 милиони евра пониски од истите во првото полугодие лани. На расходната страна намалување има кај трошоците за услуги за 279 милиони денари помалку од истиот период лани, кај амортизацијата за 67 милиони денари помалку од истото полугодие лани, а кај набавната вредност на материјали за 74 милиони денари. Во услови кога најголемата ставка – трошоци за суровини и материјали која е 25 отсто од целиот трошок зголемување речиси и да нема, пораснале само трошоците за вработени за 89,5 милиони денари односно 22 отсто.
Менаџментот на „Гранит“ со овие делотворни операции на расходната страна успеал да ја зголеми добивката за повеќе од двојно и тоа во услови кога приходите од продажба му се намалиле за 165,4 милиони денари односно за 7 отсто во споредба со истиот период лани. „Гранит“ повеќе не е целосно фокусиран на домашниот пазар. На ова поле има пад на приходите за 836,1 милиони денари и тие изнесуваат 1,39 милијарди денари. На странските пазари се ефектуирани 11 милиони евра односно 670 милиони денари.
Многу е специфична ситуацијата во билансот на состојба. „Гранит“ во овој период книжи намалување на обврските за 382 милиони денари и тие изнесуваат 4,93 милијарди денари, но и понатаму се повисоки од средствата во главнината, резервите и акумулираната добивка кои изнесуваат 4,73 милијарди денари. На страната на обврските „Гранит“ успеал да ги намали значително обврските кон добавувачите за 970 милиони денари, но тие и понатаму се најголема ставка и изнесуваат 2,85 милијарди денари. Кредитната изложеност на компанијата на краток рок и понатаму е многу ниска и изнесува 174,4 милиони денари. Но паралелно со падот на обврските кон добавувачите има силен раст на обврските во ставката „останати краткорочни обврски“ и тие се зголемени за 760 милиони денари (12,34 милиони евра) и изнесуваат 1,49 милијарди денари. Кај долгорочните обврски има големо намалување во ставката кај долгорочни кредити од 392,6 милиони денари на 84,6 милиони денари што значи дека долгорочната кредитна изложеност на „Гранит“ е намалена за 308 милиони денари. Но истовремено со тоа пораснале за 133 милиони денари обврските на компанијата во ставка „останати долгорочни резервирања“.
Уште една многу значајна паралела што мора да ја имаат предвид потенцијалните инвеститори во таа компанија е споредбата на ставката побарувањата од купувачи и ставката останати побарувања. Кај побарувањата од купувачи има значајно намалување. На полугодие годинава „Гранит“ побарува 2,65 милијарди денари (42,97 милиони евра) што е 1,86 милијарди денари (околу 30 милиони евра) помалку од истиот период лани. Напоредно со тоа во ставката „останати побарувања“ има раст од 1,82 милијарди денари и таа ставка на полугодие годинава изнесува 2,247 милијарди денари.
Р.Ф.
Слично
