Економија, финансии, бизнис

Контакт

Добивате ли соодветна пензија и здравство за придонесите што ги уплаќате?

Добивате ли соодветна пензија и здравство за придонесите што ги уплаќате?

Уредувањето на системот на пензиско и здравствено осигурување во Република Македонија не обезбедува соодветен сооднос помеѓу висината на придонесите кои определен осигуреник ги уплатува на месечно ниво во системот за социјална заштита, и придобивките кои ги добива од тој систем, висината на старосна пензија која би ја остварувал тој осигуреник по пензионирањето, односно обемот на услуги кои може да ги користи во системот за здравствена заштита. Наведеното значи дека несоодветно се валоризираат придонесите кои субјектите со поголеми примања ги уплатуваат во системот за пензиско и здравствено осигурување, наспроти тоа што овие субјекти можат да го добијат како резултат на тие системи. Поради тоа се јавува потребата за преиспитување на системот за пресметка на придонесите од задолжително социјално осигурување. Ова е едно од барањата за подобрување на бизнис- климата во земјава кои Стопанската комора ги упати до Владата.

Кога станува збор за инпутот во тој систем (придонесите кои осигурениците ги плаќаат во системот), во Република Македонија ова прашање беше предмет на неколкукратно менување – со донесувањето на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во 2008 година највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите беше поставена на границата од четири просечни плати, а во 2011 година овој праг беше подигнат до износот од шест просечни плати. Во 2015 година, во краток период беше укинато уредувањето на највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонеси, по што прагот повторно беше уреден и уште еднаш беше подигнат до износот од дванаесет просечни плати. Конечно, овој праг повторно е подигнат (започнувајќи од 01.01.2018 година) на шеснаесет просечни плати. При тоа, континуираното менување на прагот до кој се плаќаат придонесите од задолжително социјално осигурување (од 4 просечни плати на 16 просечни плати во изминатите 10 години) беше проследено со пораст на највисокиот износ на пензија (од 30.317,00 денари во 2008 година, на 48.237,00 денари во 2017 година, соодветно на порастот на просечната плата во државата – од 16.884,00 во 2008 година, на 23.229,00 денари во 2017 година), но не и со ревидирање на кругот на услуги од здравственото осигурување кои може да ги користат осигурениците.

- Направената споредба на уредувањето на системот на пензиско осигурување во европските земји кои уредуваат највисок износ на кој се плаќаат придонеси, и највисок износ на пензија кој може да биде исплатен од системот на пензиско осигурување (државниот задолжителен столб, уреден според принципот pay-as-you-go), покажува дека единствено во Република Македонија постои толку голема разлика помеѓу соодносот на највисокиот износ на кој се плаќаат придонеси, и највисокиот износ на пензија којшто може да биде исплатен од системот на пензиско осигурување. Имено, додека највисоката основа за пресметување на придонеси е определена на ниво од 16 просечни месечни нето-плати, највисоката пензија која може да биде исплатена е само 2 пати поголема од просечната плата, што значително отстапува од соодносот во која било од државите кои се предмет на анализа- велат во Стопанската комора.

Податоците во табелата покажуваат дека во ниту едно од законодавствата кои уредуваат максимален износ на кој се уплатуваат придонеси и највисок износ на пензија кој што може да биде остварен, прагот до кој се плаќаат придонесите не е поставен на толку високо ниво (најблизок корелат е Хрватска, со сооднос 1:8,00 во однос на просечната плата, но таквиот сооднос се одразува и на максималниот износ на пензија кој што може да биде исплатен – 3,8 пати од просечно исплатената плата во државата).

- Во Република Македонија постои несразмерно голема разлика помеѓу обврските кои им се наметнуваат на осигурениците за плаќање на придонеси во системот, и резултатите кои осигурениците може да ги одбијат од тој систем, што, секако, не соодветствува на принципот на валоризација на придонесите. Согласно наведеното, произлегува дека уредувањето на ова прашање има карактер на прикриено оданочување, со што се доведува во прашање карактерот на оваа давачка како придонес. Од овие причини, потребно е да биде преиспитано уредувањето на методологијата за пресметка на обврските по основ на плаќање на придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување во функција на солидарната, но и пазарната компонента, и тоа или преку корегирање на уредувањето на соодносот помеѓу највисокиот износ на кој се плаќаат придонеси, и највисок износ на пензија којшто може да биде исплатен од системот на пензиско осигурување (државниот задолжителен столб, уреден според принципот pay-as-you-go), или преку промени во уредувањето на начинот на кој се распоредуваат придонесите- велат во комората.

Слично

Поврзани вести