Економија, финансии, бизнис

Контакт

Добиената битка не значи добиена војна, Студентски пленум ќе ја тера работата до крај!

Добиената битка не значи добиена војна, Студентски пленум ќе ја тера работата до крај!
Власта попушти- ќе има нов Закон за високо образование, иако досега неколкупати надлежните се обидоа да ги оправдаат донесените реформи како клучни за подобрување на квалитетот во високото образование. Со овој чекор тие јавно си ја признаа грешката од брзите и лошо спроведени законски решенија кои го разбудија гневот кај студентите. За Студентскиот пленум  новите владини чекори значат дека студентите ја извојувале битката, но не и конечната победа. Лошите и брзо донесени реформи, според студентите,   неможат да го подобрат квалитетот во високото образование со воведување на спорни одредби кои преку контролни механизми кои задираат директно во универзитетската автономија и нивната академска иднината.  Студентите се делумно задоволни, но не и во целост уверени во конечните чекори кои ќе бидат превземени до целосно креирање на новото законско решение. Сеуште се неизвесни нивните следни чекори. Одлуката дали ќе ја продолжат окупацијата на дел од факултетите на кои две недели се реализира автономна студентска зона преку алтернативни предавања  и настава, ќе ја обелоденат точно напладне во студентскиот кампус. Велат дека новото законско решение се наметна како потреба и нужност не само за обединување за академската заедница и инклузивноста во носењето за новиот Закон, туку и поради 16 пати менуваниот Закон за високо образование од 2008 година. “Честото менување на законот кое беше спроведено без ниту една одржана дебата со засегнатите страни покажа дека нивните измени се неспроведливи и нефункционални. Се наметна потребата за ново законско решение, интрегрално нов закон за високо образование кој ќе воведе до вистинска реформа која што е потребна за нас”-вели за Фактор, Стефан Видиков, студент на Филозофскиот  Факултет и член на Студентскиот пленум. Досега вели, студентите покажаа како вистински и чисто се води борбата на нивни терен, онаму кадешто природно припаѓаат и каде имаат обврска да ја бранат својата цел и автономијата на нивниот академски дом-Универзитетот. Одлуката преку работни групи да се направи концептот на новиот Закон за високо образование, а дури потоа да се креира нацрт-текстот на новото решение е позитивен исчекор, но не и сигурна гаранција дека во новиот закон нема да има контролни механизми за студентите и професорите. Државниот испит и останатите спорни одредби, кои власта набрзина ги предложи, а исто толку брзо и ги донесе низ правните лавиринти, оставаат сомнеж кај студентите дека сепак во овој момент  е можно тактизирање и добивање на време од страна на надлежните, да се најде нов модел на контрола во високото образование. Единствени во отпорот Студентите како никогаш досега беа единствени во отпорот. Тие преку чистината на своето движење и аргументираните ставови ја разбрануваа домашната и меѓународната јавност. Ги разбудија професорите кои како Професорски пленум во кој својот потпис го ставија повеќе од петстотини еминентни академски имиња им дадоа безрезервна подршка во нивното делување за одбрана на нивните ставови и универзитетската автономија. “Студентите за прв пат ќе бидат вклучени во пишување на законот за високо образование претставувајќи нов концепт и изнесувајќи ги нашите барања.Ова потегнува и отварање на нови прашања кои досега не беа отворени, токму поради носењето на законски измени и реформи во високото образование без никаква анализа и дебата. Сега преку сеопфатни анализи кои ќе ги изработат студентите во рамките на работните групи ќе се артикулираат сите наши барања”-додава  студентот Стефан Видиков. Нема сила што ќе го сопре гласот на студентите По заклучоците донесени на втората координативна седница во Ректоратот на Уким, на која е  договорено да се изготви нов Закон за високо образование  преку работни групи, во кои ќе членуваат претставници на двете засегнатите страни кои учествуваа и на досегашните состаноци, следува активна пролет за студентите и професорите. Тие  треба да се вклучат во  изработката на  концептот на новиот закон, за кој е предвидена и конференција по што ќе се изработува текст на законот, кој потоа ќе биде даден на јавна расправа за да се формира конечниот предлог закон. Но, од Студентскиот пленум порачуваат дека нема сила што ќе го сопре гласот на студентите. Тие велат дека независно од следните чекори кои ќе го насочат нивното делување за активна партиципација во креирањето на новиот Закон за високо образование, нема да  ги заборават ниту останатите проблеми во образованието како лошите услови во  студентските  домови, привилегираноста на одредени личности,непотребните давачки како ИКСА, корумпираните студентски парламенти. Во меѓувреме и минатата ноќ дел од студентите ја поминаа на факултетите каде сеуште се реализира автономната зона. С.Б.
Слично

Поврзани вести