Доби ли Македонија партнер за дијалог или Радев ќе го бетонира ветото по убедливата победа?
Тактиката на Владата на Македонија по победата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во 2024 година беше да не се гласаат уставните измени како услов од „Францускиот“ договор и да се чека на стабилна политичка влада во Бугарија со која ќе се отвори дијалог за отворените соседски прашања и на тој начин да се одблокира патот кон Европската Унија, но дали по победата на Румен Радев и „Прогресивна Бугарија“ тоа е политичко изводливо или дополнително ќе бидат бетонирани бугарските позиции за вето во Брисел.
Румен Радев, поранешен генерал во бугарската армија, прагматичен политичар, и еден од повпечатливите бугарски претседатели, по речиси една деценија како шеф на државата реши да се вмеша во политичката сцена и како лидер на ново движење да ја преземе премиерската функција каде има многу поголема моќ во извршната власт.
Но, Радев е познат и по неговите тврди ставови во однос на македонското прашање кои ги повтори како во текот на предизборната кампања, така и во првите ијави по убедливата победа која е на добар пат да му обезбеди мнозинство за самостојно и без наметнати или неприродни коалиции да ја формира идната Влада на Бугарија.
Времето (не) работи за нас
Македонската надворешна политика во однос на споровите со соседите секогаш се потпирала на две максими: 1. Времето работи за нас – што значи до недоглед одложување на решавањето на проблемите за некоја идна владејачка гарнитура и 2. Прифаќање на сите, па и полоши услови – позиција на неизлезност во која се прифќаат дури и многу понеповолни дипломатски предлози од тие кои претходно биле на маса.
Мицкоски ќе има многу тешка задача да ја оправда неговата стратегија доколку навистина државата биде доведена до свршен чин, со прифаќање на сите услови од Францускиот предлог, но и можни понатамошни „скриени“ барања од бугарска страна во поглед на ревизија на историјата кои би се спровеле преку мандатот на историската комисија.
Радев порача дека нема да отстапи ниту милиметар од досегашните позиции и е во поволна позиција да го материјализира ветото, особено што Брисел од него ќе очекува да го држи досегашниот надворешен курс на Софија во поглед на односите со Русија, странското влијание, поддршката за Украина во војната и енергетиката.
Отворен ли е навистина „прозорецот за проширување на ЕУ“?
По формирањето на политичката влада во Бугарија треба да се „опипа“ пулсот во Брисел. Дали навистина „прозорецот за проширување на ЕУ“, како што тврдат евробирократите е отворен, и доколку постои политичка волја Македонија да ги започне преговорите и брзо да ги заврши за полноправно членство, тоа да се „материјализира“ преку засилување на дијалогот.
Поддржан од изборниот резултат и добиениот легитимитет од електоратот, ќе биде многу тешко да се „промени“ ставот на Радев за добивање дополнителни гаранции дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде последното барање пред целосно одблокирање на почетокот на преговори со Европската Унија.
Односите меѓу Скопје и Софија се очекува да влезат во една попредвидлива фаза и да се засилат меѓусебните контакти и средби на кои треба да се гради повторно довербата и да се создаде атмосфера на добрососедство, но конечното решение на кое се надеваше македонската власт во овој момент е многу тешко да се предвиди.
Х.С.