ДОАЃААТ ПАРИ ОД ЕВРОПА: ЕУ подготвила пакет поддршка за цел Западен Балкан-фон дер Лајен денес во Тирана
Помошта е наменета за земјите од регионот да им помогнат да се справат со енергетската криза.
Европската унија подготви пакет за поддршка на целиот Западен Балкан за да му помогне да се справи со енергетската криза, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Фон дер Лајен, која вчера ја започна посетата на Западен Балкан во Македонија, на заедничка прес-конференција со македонскиот премиер Димитар Ковачевски рече дека ЕУ обезбедила грантови во вредност од 80 милиони евра за нашата земја како форма на итна буџетска поддршка.
„Тоа ќе помогне во справувањето со високите трошоци за енергија за вашите граѓани и компании“, рече фон дер Лајен и најави дека ќе пристигнат повеќе средства во Македонија. Таа на Твитер оцени дека преговарачкиот процес со Македонија зема замав и дека македонскиот народ е посветен на европските вредности.
„Сите обединети политички сили можат да ја постигнат целта, за доброто на граѓаните. Сега е моментот“, рече Фон дер Лајен.
По посетата на Скопје, Фон дер Лајен, како што претходно беше најавено, денеска ќе престојува во Приштина и Тирана, а утре на дневен ред се Србија и Босна и Херцеговина.
Посетата ја завршува на 29 октомври во Подгорица.
