До вторник можна лидерска средба-Ама под еден услов?!
Конкретни предлози се условот за можна лидерска средба до вторник идната недела.
Ова беше исходот од вчерашните завршени билатерални средби на претствници од политичките партии потпишнички на Договорот од Пржино со амбасадорите Бејли и Орав.
По средбите, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, Никола Тодоров, Артан Груби и Имер Алиу не сакаа да коментираат за средбата, додека Радмила Шекеринска од СДСМ вели дека има ситуација во којашто секое од прашањата коишто се дадени во Договорот од Пржино виси и „не смееме да дозволиме Македонија од една криза да навлезе во уште подлабока политичка криза“.
„Опозицијата смета дека ни треба час поскоро да се исполнат сите услови за одржување фер и демократски избори и тие избори да знаеме дека нема да бидат повторување на претходните криминални избори и да им дадеме шанса на граѓните на Македонија, а не на власта да одлучува кој ќе ја носи одговорноста за Република Македонија во следниот период“, рече Шекеринска по средбата. Бејли и Орав по средбата се оптимисти дека ќе дојдат до договор со партиите, по неколкунеделните средби и дека наскоро ќе се одржи и лидерска средба на која би се искристализирале работите.
