До крајот на месецот 80 милиони евра од ЕУ
Македонија очекува да ја добие првата транша вредна 80 милиони евра од микрофинансиската поддршка од ЕУ до крајот на месецот. За ова станало збор на првата средба на новиот министер за финансии Фатмир Бесими со евроамбасадорот Самуел Жбогар. Инаку поддршката е во вкупен износ од 160 милиони евра, а за неа Република Северна Македонија веќе ги има склучено потребните договори и испратено барање за повлекување.
„На средбата се разговараше за поддршката која ЕУ ја даде во изминатиот период во услови на пандемијата со ковид 19, преку неколку инструменти кои Унијата ги стави на располагање на Република Северна Македонија, како што се Инструментот на ЕУ за социјална и економска отпорност во износ од 50 милиони евра, за кои се очекува до крај на месец септември да биде потпишана и Финансиската спогодба со што средствата ќе бидат ставени на располагање веднаш по потпишувањето. Имено, 40 милиони ЕВРА ќе бидат директно насочени кон поддршка на приватниот сектор преку Развојната банка на Република Северна Македонија во форма на безкаматна кредитна линија како и грант средства за поддршка на вработување на млади лица преку Агенцијата за вработување. Исто така, дел од овие средства во износ од 10 милиони евра ќе бидат насочени за поддршка на здравствениот сектор и поддршка во процесот на приближување на земјата кон европските стандарди, стои во соопштението од Министерството за финансии.
Министерот Бесими изразил задоволство од досегашната соработка која Министерството за финансии ја има со Делегацијата на ЕУ во Скопје особено за поддршката во имплементацијата на Програмата за управување со јавните фианнсии за која ЕУ има одвоено 18,6 милиони евра и истата е во фаза на имплементација.
