Економија, финансии, бизнис

Контакт

До крајот на август ќе се знае кога ќе има избори

До крајот на август ќе се знае кога ќе има избори

Лидерите на политичките партии ќе се сретнат до 31 август за да го одредат датумот за избори.

Работните групи на партиите денеска договорија дека ќе има преодна влада сто дена пред избори, суспендирање на новите измени во Законот за МВР, лидерска средба до крајот на август, прочистување на избирачкиот список и реформи во медиумите.

„Се надевам дека овој договор ќе одреди пат за кредибилни избори на кои ќе учествуваат сите и ќе бидат признаени од сите политички партии. Договорот предвидува прочистување на избирачкиот список, мерки за побалансирано известување, преодна влада сто дена пред избори. Лидерите на политичките партии ќе се сретнат до 31 август за да ја проценат состојбата и да донесат конечен договор за датумот за избори“ – изјави амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.

Радмила Шекеринска од СДСМ вели дека Законот за внатрешни работи ќе биде одложен до следната година.

„Нашата цел да имаме министер за внатрешни работи кој ќе ги има ингеренциите и моќта за одговорност на крај ја исполнивме“– вели Шекеринска.

Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ рече дека министерот за внатрешни работи може да направи 15 вертикални измени во менаџерските структури на МВР и да смени 10% од хоризонталните раководни лица. Додаде дека 171.000 гласачи ќе бидат ставени на посебен избирачки список и ќе бидат обележани со ѕвездичка, а 39.000 ќе имаат обврска да се пријават во Државната изборна комисија и ќе бидат предмет на дополнителна проверка.

„Се надевам дека овојпат СДСМ ќе се држи до договорот и нема повторно да бара измени и повторно да избега од избори. Знам дека ќе соберат храброст да се соочат со граѓаните и дека ќе дозволат народот да одлучи кој ќе ја води оваа држава “– кажа тој.

Имер Алиу вели дека  ДПА од принципиелни причини не прифатиле учество во преодната влада.

За Артан Груби од ДУИ, проценката дали има услови за избори ќе се направи во август. Тој кажа дека по изборите МВР ќе го раководи Албанец.

По долги преговори кои траеја со денови со посредништво на амбасадорите, договор е постигнат.

Слично

Поврзани вести