До кога „Жито Лукс“ ќе работи за „сусамот“?
Една од најголемите компании за производство на леб, брашно и пецива, три години наназад работи со загуба, а таква е и ситуацијата во првите девет месеци годинава...
„Жито Лукс“ Скопје, една од најголемите компании за производство на леб, брашно и пецива, во периодот јануари-септември работела со загуба од 20,7 милиони денари. Ова е четврта година по ред во периодот јануари-септември „Жито Лукс„ да покажува загуба во своето работење. Според достапните податоци од билансите на компанијата загубата на „Жито Лукс“ во континуитет прикажува загуба во своето годишно и тоа во изминативе три години: 2012, 2013 и 2014 година, а според податоците од деветмесечниот биланс успех ќе биде доколку компанијата успее 2015 година да ја заврши со позитивно салдо.
Официјалните податоци на страницата на Македонската берза за хартии од вредност покажуваат дека „Жито Лукс“ во 2012 година имал загуба од 45 милиони денари, во 2013 година загубата била 30,2 милиони денари, а лани загубата изнесувала 144 милиони денари.
Доколку може да се направи аналогија кога се набљудуваат хронолошки изразените загуби за трите квартали (јануари-септември) и годишните загуби за периодот 2012,2013 и 2014 година тогаш заклучокот е дека во сите три случаи загубите за трите квартали биле значајно помали од загубата на крајот на годината. Така, во 2012 кварталната загуба била 21,8 милиони денари, а годишната била 45 милиони денари, во 2013 година загубата за трите квартали била 21,2 милиони денари, а на крај на годината била 30,2 милиони денари. Лани тој сооднос бил 44,4 милиони денари на квартално ниво со 144 милиони денари на крајот на 2014 година.
Финансиските расходи хронично ја „јадат“ оперативната добивка
Достапните податоци покажуваат две значајни тенденции. Прво компанијата од 2012 годоина до сега има значајно контиунирано намалување на приходите од продажба. Во 2012 година тие изнесувале 990,9 милиони денари, лани се на ниво 856,2 милиони денари, а година изнесуваат 834 милиони денари.Следствено на тоа се намалуваат и расходите на компанијата. Намалувањето на приходите и не мора да значи дека е негативен процес затоа што може да одразува деловна политика за консолидација и чистење на дејности кои генерираат ниски приходи или помали приходи од посакуваните и заради тоа се фокусира работењето на профитни дејности. Второ оперативната добивка на компанијата секогаш е пониска од финансиските расходи и на крај секогаш токму негативното салдо од финансиските расходи ја дава крајната негативна слика на финансиското работење на таа компанија. Годинава во првите девет месеци оперативната добивка била 10,1 милиони денари, а финансиските расходи биле 30 милиони денари. Лани во истиот период финансиските расходи биле 31 милиони денари, а оперативната добивка била негативна и изнесувала 14,3 милиони денари. Во 2013 година тенденцијата е иста како и годинава. Оперативната добивка е 14,6 милиони денари, а финансиските расходи се 32,1 милиони денари, а во 2012 година тој сооднос е 12,6 милиони денари оперативна добивка наспрема 32,5 милиони денари финансиски расходи.
Р.Ф.
Слично
