До кога Такси превозот едвај ќе преживува?
Животниот стандард, новите автобуси, бесплатниот автобуски превоз за пензионерите, се дел од причините поради кои граѓаните се помалку го користат такси превозот, сметаат од групациите на такси превозници.
Статистиката деновиве излезе до податоци дека лани 32.906.000 патници во земјава користеле такси превоз, за разлика од 2012 година кога бројката изнесувала 40.413.000 патници. Од друга страна бројот на патнички автомобили во 2013 година изнесувал 2.531, односно повеќе отколку во 2012 година кога имало 2.491 автомобили.
Такси превозниците велат дека трендот на намалување на бројот на патници продолжува и оваа година.
„Има повеќе фактори кои што влијаат врз намалувањето на бројот на граѓани кои го користат такси превозот. Лани беа ставени во функција речиси сите нови автобуси, пензионерите добија дополнителни денови за бесплатен превоз во автобусите, и секако тука е и финансиската моќ на граѓаните. Во состојба кога имате нови автобуси со клима уреди, и билет со пристапна цена, граѓаните го одбираат јавниот превоз. Дополнително летно време користат повеќе велосипед, некои одат и пеш, такси превозот го употребуваат ако некаде доцнат или се брзаат. Од друга страна може да забележите конкретно за Скопје, дека се повеќе граѓаните се возат со сопствен автомобил, на семафори кога ќе застанете речиси во секој автомобил има по еден човек“, вели Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје.Стартната цена на такси превозот е 40 денари, а еден километар е 25 денари. Дополнително такси превозниците имаат и попусти, се со цел да ги привлечат патниците. Ако се направи споредба со пред неколку години во цената нема разлика, велат такси превозниците, но постои разлика во куповната моќ на граѓаните и животниот стандард кој не е на повисоко ниво.
„Цената со попусти е речиси иста како и пред неколку години, пред да се направат корекциите, и е економски оправдана, но сепак не одговара на куповната моќ на граѓаните, кои на секој начин гледаат како да заштедат. Ќе излезат и неколку часа порано и ќе користат јавен превоз, а не такси превоз. Бројката на превзени патници се намалува, тој тренд продолжува и оваа година. Ние забележувавме дека и во вечерните часови кога младите излегуваат и кога вообичаено сме имале најмногу работа и промет, сега постои намалување. Тоа беше случај и минатата година, ноќниот живот е замрен, имавме се помалку патници, а се тоа е поради нискиот животен стандард на граѓаните. Од друга страна ние ставаме гориво, имаме амортизација и на крај кога ќе дојде патникот да плати, вели многу е скапо“, вели Марјан Спасовски претседател на Синдикатот на авто-такси превозници.Според податоците од Државниот завод за статистиката лани од вкупната бројка на превезени патници со такси превоз, 30. 508.000 се во градскиот превоз, додека во меѓуградскиот превоз се превезени 2. 398.000 патници. Во 2012 година 38. 257.000 патниците биле превезени во градскиот превоз, додека во меѓуградскиот превоз биле превезени 2. 156.000 патници. Минатата година со 2.531 патнички автомобил се поминати вкупно 72.749.000 километри, од кои 64.738.000 во градскиот превоз, додека во меѓуградскиот превоз се остварени 8.011.000 километри. Во 2012 година со 2 494 патнички автомобили се поминати вкупно 74.394.000 километри, од кои 66. 911.000 во градскиот превоз, додека во меѓуградскиот превоз се поминати 7.483.000 километри. За 8 часа работно време трошоците се големи, а заработката минимална Од професија која некогаш била профитабилна, последниве неколку години од такси превозот едвај се преживува, велат такси превозниците. Кога ќе се покријат трошоците за двачките кон државата, одржување на возилата, заработката е минимална, а некогаш има и загуба. За еден месец и со 8 часа работа се заработуваат од 10.000 до максимум 15.000 денари.
„Работиме со загуба или позитивна нула, едвај ги плаќаме давачките кон државата. И со 10 или 12 часа работа едвај се заработува. Решението е во многу фактори, многу работи треба да се усогласат ако сака да му се помогне такси-превозникот. На пример ние баравме да се промени шифрата на данокот што го плаќаме и да се намали, да биде бидеме во групата на гранки кои не остваруваат голем профит. Од заработката што ја имаме 5.000 денари е персоналниот данок што го плаќаме, а каде е тука амротизација и други ред давачки, кои кога ќе се соберат изнесуваат околу 10.000 денари. Порано од такси превозот се заработувало многу повеќе, имало пари и за давачки кон државата и за нас пак да остане и да заштедиме дури нешто, сега ништо“, објаснува Спасовски.Такси превозниците реагираат и на нелојалната конкуренција.
„Ако ние редовно си ги плаќаме давачки, на терен имате такси превозници кои не ги плаќаат давачките, не се пријавени, не уплаќаат дневен промет во Управата за јавни приходи. А ние што редовно си ги подмируваме обврските кон државата, и со повеќе од 8 часа работно време едвај ги покриваме трошоците. Порано имавме поголем промет, не се користеше толку јавниот превоз бидејќи автобусите беа во лоша состојба, сега имаме состојба кога моќта на граѓаните е ослабната“, вели Рајчаноски.Дополнително во март годинава на такси превозниците им се наложи нова обврска - ќе мора да поседуваат сертификат дека се подготвени за такси превоз пред да добијат лиценца за оваа дејност. Ова се дел од измените во Законот за превоз во патниот сообраќај. Поради намалениот број на патници, Градот Скопје ја намали бројката на таксисти Намалениот промет и број на превезени патници со такси превоз, беше причина за намалување на максималниот број на лиценцирани такси превозници од 2.600 на 2.400. Оваа одлука ја донесе Градот Скопје на почетокот на годинава. „Причината за пристапување кон предложените изменувања и дополнувања на постојната одлука е што извесен период регистерот за издадени лиценци за обавување на авто-такси превоз на патници во градот Скопје бележи застој во евидентирањето на бројот на превозници, што како показател укажува намален интерес за обавување на оваа дејност. Исто така, се забележува и намален интерес на граѓаните како корисници на такси превозот“, стоеше во образложението на одлуката на Градот Скопје. Ваквата одлука беше донесена по барање на такси превозниците, кои ја оценија позитивно и покрај тоа што сметаат дека бројката треба уште да се намалува. Ј.С.
Слично
