До каде се истражните и предистражните постапки за предмети кои ги води СЈО?
Истражните и предистражните постапки за повеќе предмети продолжуваат, информираат од СЈО.
Во врска со предметот во јавноста познат како „Титаник“ соопштуваат дека истражната постапка продолжува против сите осомничени лица.
Во врска со предметот во јавноста познат како „Тортура“ поднесени се предлози за определување мерка за претпазливост против 6 лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело – Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување од чл. 142 ст 1 вв чл. 22 од Кривичниот законик.
За предметот во јавноста познат како „Тврдина“ е поднесен предлог за определување мерка притвор против 1 лице како и предлог за определување на мерки за претпазливост против 4 лица, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело од чл. 353 и 361 од Кривичниот законик.
Во врска со предметот во јавноста познат како „Транспортер“ е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против 1 лице поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело од чл. 353 ст 5 вв ст. 1, а вв. ст. 22 и 45 од Кривичниот законик, а поднесен е и предлог за определување на мерка притвор против истото лице. По однос на привремените мерки за обезбедување на имотноправно барање, Ве известуваме дека до Основен суд Скопје 1 Скопје е поднесен предлог кој беше вратен на доуредување, но ниту од Државното правобранителство ниту од Министерството за образование и наука сеуште не се доставени предлози за остварување на имотно правно барање, иако тоа од наша страна беше побарано.
За предметот „ТНТ“ донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против 3 лица поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела од чл. 353 од Кривичниот законик, а поднесени се и предлози за определување мерка за претпазливост против истите 3 лица.
Во делот на видовите на мерки кои се предложени од страна на ова Јавно обвинителство, до Основниот суд Скопје се поднесени соодветни предлози за определување на мерки, кои за секој конкретен случај се различни.
