До 2000 евра казна за оние кои нема да станат при интонирање на државната химна
За оној што нема да стане при интонирање на државната химна на Црна Гора ќе следи казна од 300 до 2.000 евра. Ова е предвидено со новиот закон што го усвои Владата на Црна Гора.
„Глобата за физичките лица што нема да станат при изведување на химната на Црна Гора ќе изнесува од 300 до 2.000 евра“, рече министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ.
Владата на денешната седница го утврди предлогот за измена и дополнување на Законот за државните симболи и Денот на државноста на Црна Гора, со кој се воведува обврска на локалната самоуправа и јавните установи знамето постојано да се вее на зградите во кои се сместени државни органи и установи, како и обврска за стоење на присутните при изведување на државната химна.
