„Дневни аваз“: Македонецот и неговите колеги пронајдени здрави и живи во Либија!
Македонскиот државјанин Емилио Гафури и неговите колеги-инженери, Босанецот Петар Матиќ и Италијанецот Марко Валис, биле пронајдени здрави и живи по информациите за нивно киднапирање, пишува босанскиот весник „Дневни аваз“, повикувајќи се на сопствени извори.
Според весникот, во акција на италијанското МНР, сите тројца биле веднаш префрлени на безбедна локација, од каде се очекува да ги контактираат нивните семејства.
Информацијата ја потврдил и амбасадорот на БиХ во Либија Ибрахим Ефендиќ, кој сепак не можел да изнесе повеќе детали, ниту да потврди дали инженерите кои работеле за италијанската компанија „Пјаченца конструционе“ навистина биле киднапирани. За тројцата не бил побаран откуп.
Амбасадите на БиХ во Триполи и во Рим добиле инструкции. во соработка со либиските и италијанските власти да ги утврдат сите факти во врска со овој случај.
На македонското МНР му беа потребни 24 часа да потврди дали Гафури е македонски државјанин, бидејќи првичната проверка на идентитетот не покажа македонски државјанин со такви податоци. Но, подоцна се потврди дека тој навистина бил Македонец.
Киднапирањата на дипломати, странски државјани, па и на Либијци е честа појава во Либија по симнувањето од власт на Моамер Гадафи во 2011 година.
Слично
