ДИВО НАСЕЉЕ: Полицијата не пушти новинари и адвокати-судењето пак одложено
Судската полиција на Врховниот суд не им дозволи влез на новинарите и адвокатите кои имаат решение за присуство на судењето за случајот Дива населба .
Судењето како што е познато денеска требаше да се одвива во свечената сала на Врховниот суд поради образложението на другите надлежни судови дека нема просторија за судење, но рочиштето се одложи за шести јуни .
Како што пренесоа дел од медиумите главниот и споредниот влез на судот биле затворени, а судската полиција на Врховен суд образложува дека судската полиција на Основниот суд Скопје 1 треба да ги спроведе новинарите до салата преку Основниот суд Скопје 2, но и влезот на „двојка“ за новинарите е затворен и тие немаат пристап до салата, иако обвинетите рано утрово беа донесени од притвор во суд.
По шетање на новинарите од еден до друг влез на Врховниот суд тие останале пред главниот влез на Врховниот суд, а во големата сала на Врховниот суд влегоа само обвинетите и двајцата обвинители. По околу еден час обвинителите излегоа од Врховниот суд и обвинителката Вилма Русевска изјавила дека рочиштето е одложено бидејќи судската полиција не ги пуштилa адвокатите да влезат и дека рочиштето е презакажано за 6 јуни.Адвокатот Мефаил Арслани рекол дека ќе бараат објаснување од претседателот на Основниот суд Скопје 1 зошто денеска не им било дозволено да влезат во Врховниот суд на судењето, пренесе Мета.
Основниот суд немаше просторни и технички услови за да го организира судењето и тоа постојано беше одложувано.Според владината одлуката, објавена во Службен весник големата сала во зградата на Врховниот суд времено му се дава на користење на Основниот суд Скопје 1.
Оваа одлука доаѓа откако последните две рочишта беа одложени поради тоа што Кривичниот суд немаше просторија во која ќе ги собере сите 37 обвинети, адвокатите, полицајците, роднините и новинарите.
Со оваа одлука, Кривичниот суд има право да ја користи салата шест месеци.
