Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДИСЦИПЛИНАТА Е ПОВАЖНА ОД ИНТЕЛИГЕНЦИЈАТА

ДИСЦИПЛИНАТА Е ПОВАЖНА ОД ИНТЕЛИГЕНЦИЈАТА

Лични лекции од постот и вистината – зошто успехот не е прашање на памет, туку на карактер и самоконтрола

Имам 43 години.

Моите студенти се на 18 или 20, а јас често им велам: еве што би сакал некој порано да ми го каже.

Успехот не доаѓа кај некого затоа што е паметен.

Не се сите успешни луѓе исклучително паметни. Денес светот го водат луѓе – такви какви што се (често просечни, но богати).

Она што го краси успехот, кај многумина што барем јас ги познавам, не е интелигенцијата. Туку дисциплината.

Затоа се приклучив во иницијативата и во 2012 година го формирав АБИТ – првата македонска банкарска академија.

Она што ме изгради, работејќи со банкарите, беше дисциплината. Ако бараа од мене едно, јас давав едно и пол.

Ми требаше структура.

Ми требаше притисок.

Ми требаа последици.

И ги добив – од АБИТ, од Германија, од Хајделберг.

Постот е едно од најсилните искуства што ми се случиле досега.

Тоа не е само здрава исхрана, ниту пак само религиозен чин. Постот е поврзување со една повисока, бесконечна енергија.

Тој е првата вистинска алатка за дисциплина.

Телото можеби чувствува недостаток, но умот добива јасност. Станува побистар, посилен, поблиску до сопственото совршенство.

А таму почнува вистинската слобода.

Кога се откажувате од насладите, не го казнувате телото – го тренирате.

Во свет полн со комфор и лесни задоволства, постот ве враќа кон суштината – контрола над себе.

Двапати бев на работ на банкрот.

Најдоброто нешто што ми се случило во животот.

Затоа што луѓето во организациите каде што работев и кои ги создадов ме научија на нешто што училиштата ретко го учат:

Нема изговори.

Нема лаги.

Нема кратенки.

Една од најголемите пресвртници во мојот живот се случи кога конечно решив да ја кажам вистината – сам на себе.

Признав сè што сум направил погрешно.

И се случи нешто неверојатно.

Вистината ме ослободи.

Оваа лекција ја научив на потешкиот начин:

Лагата ви ја троши енергијата.

Вистината ви ја враќа.

Можете да направите грешки.

И големи.

Но ако ги признаете – растете.

Ако ги криете – тие ќе ве контролираат.

Уште една лекција што ја научив е: никогаш не престанувајте да учите.

Предавав на факултет уште на 25 години. До денес – 18 години. И колку повеќе стареам, толку повеќе сфаќам колку малку знам.

Затоа и денес запишувам на тефтер (old school).

Затоа и денес слушам.

Затоа и денес учам – од сите, па и од студентите.

Повеќето луѓе престануваат да учат во моментот кога ќе го напуштат училиштето (средно, факултет или сл.).

А токму тогаш животот почнува да ги предава најтешките лекции.

Затоа внимателно бирајте од кого учите.

Јас имам една едноставна мудрост:

„Учете од луѓе што прават, а не од луѓе што само зборуваат.“

Повеќе би сакал да учам за банки, финансии и недвижнини од вистински инвеститори и банкари, отколку од некој што никогаш не поседувал имот или не работел во финансии.

Повеќе би сакал да учам за бизнис од некој што исплаќал плати, отколку од некој што има само теорија.

Универзитетот ги казнува грешките.

Но животот ги наградува оние што учат од нив.

Како мојот Тео кога беше бебе. Со паѓање учеше да оди. Без страв – паѓаше и стануваше.

И денес е силно момче кое тренира кик-бокс.

Но возрасните се научени да се плашат од неуспех.

Тој страв ги држи луѓето во место.

Јас сум на мислење дека финансиската едукација денес е поважна од кога било.

Пензиите исчезнуваат.

Инфлацијата расте.

Пазарите повторно ќе доживеат пад.

Затоа, само ние самите сме одговорни за својата иднина.

Ниту владата.

Ниту работодавачот.

Ниту системот нема да дојдат да нè спасат.

Што ќе нè спаси?

Покрај најважната вештина – да заработуваме пари – мора да се развиваме себеси. Тоа ќе нè спаси.

Вашиот ум.

Вашата дисциплина.

Вашата способност да ја кажете вистината.

Вашата подготвеност постојано да учите.

Тоа е патот до успехот. До успешен претприемач.

И тоа е пораката што им ја кажувам на моите студенти.

Проф. д-р Синиша Наумоски, генерален менаџер на Хајделберг Факултат во Скопје (Heidelberg Business School)

Слично

Поврзани вести