Нови менаџери и во МЕПСО: директорска чистка надградена и проширена!
Хиерархиски исчекор во истата компанија, професорско засилување во менаџерските кадри на МЕПСО ... Во јавноста се отвора прашањето дали новиот бран директорски смени во државните компании е награда за досегашниот труд на поединци или навистина е резултат на реално поднесени апликации на конкретните личности на јавните огласи, како што уверуваат од Владата?!
Двете државни енергетски компании под висок напон – после ЕЛЕМ “струен удар“ и во МЕПСО. Седум нови директори се сместија во Управниот и Надзорниот одбор на државниот електропреносен систем оператор МЕПСО, дознава Фактор.
Покрај досегашните Синиша Спасов (генерален директор на МЕПСО), Крсто Мукоски (поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ) и Катерина Глигорова, во Управниот Одбор на МЕПСО сега седнуваат и Ацо Ристески, Ненад Јовановски, Сашо Василевски, Ненад Крстевски, и Кирил Ачкоски.
Ацо Ристески не е непознат за вработените во МЕПСО, тој е само хиерархиски унапреден во компанијата. И Ненад Јовановски седнува во директорска фотелја во МЕПСО како веќе вработен во компанијата.
На Спирo Мавровски, Михаил Цветков, Ромео Јосифоски, Раско Мишкоски и на Фатмир Лимани, од сега во Надзорниот одбор на МЕПСО друштво ќе им прават и Мирко Тодоровски и Драгослав Рајичиќ, и двајцата професори на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
Преку владините јавни огласи до највисоки функционери во државни компании?!
Единственото вчерашно објаснување од владини извори за Фактор дека мотивот за директорската чистка во ЕЛЕМ бил новиот јавен оглас на Владата за избор на државни функционери е речиси идентично и во случајот со новоименуваните директори во МЕПСО.
“Во МЕПСО долго време неколку директорски места беа празни. Именувањето на нови членови во Управниот и во Надзорниот одбор на МЕПСО е завршеток на процесот кој го почна Владата уште минатата година со објавата на огласи за ангажирање на високи државни раководни функции“, објаснија владини извори за Фактор.
Александар Пауноски пак, од раководител на секторот за стратешко планирање и анализи на системи во МЕПСО, сега е нов директор за развој и инвестиции во ЕЛЕМ, на местото на Јасна Иванова Давидовиќ.
Но, отсуството на јавно објаснување од Владата, дополнително ги подгрева сомнежите во јавноста дали навистина новите директорски позиции во ЕЛЕМ и МЕПСО (и во други државни институции во перспектива) се резултат на реално поднесени апликации на конкретните личности на јавниот оглас на Владата?!
Директорската чистка во ЕЛЕМ
Како што веќе објави Фактор, по налог на Владата, четворица секторски директори во ЕЛЕМ кои на позициите беа откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт сега се разрешени. Од директоските фотељи во ЕЛЕМ си заминуваат Димитар Танурков, директор за проиодство, Јасна Иванова Давидовиќ, директор за развој и инвестиции, Коста Папастеревски, комерцијален директор и Славица Бесова, финанскиски директор во ЕЛЕМ, луѓе кои важеа за блиски на поранешниот генерален директор Влатко Чингоски.
Благоја Деспотоски Ташко, поренешниот градоначалник на Кичево од ВМРО-ДПМНЕ, зад кој на последните локални избори застана и СДСМ е новиот директор за производство на Државните електрани. Во периодот од 1999-2002 година Деспотоски е беше генерален директор на РЕК Осломеј. Новата директорка за финасии во ЕЛЕМ, Гордана Димитриеска-Кочоска, доаѓа од раководна позиција во Стопанска банка. Името на новата директорка за комерцијални работи во ЕЛЕМ, Анита Стамнова коинцидира идентично со поранешната заменик – директорка на Државниот завод за статистика, Анита Стамнова.
К.П.
Слично
