Директорот на УЈП Горан Трајковски разрешен од функцијата
Првиот даночник, директорот на УЈП Горан Трајковски и официјално е разрешен од функцијата, објави Телма повикувајќи се на владини извори.
Трајковски во август беше реизбран за директор на оваа функција , иако постоеа шпекулаии дека некој друг ќе седне на неговото место.
Горан Трајковски е директор на УЈП од 2006 година, откако ВМРО ДПМНЕ е на власт. Ја наследи Петра Митева. Инаку, првиот даночник Горан Трајковски беше на челната позиција во скопската УЈП, кога на власт беше гарнитурата на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Љубчо Георгиевски.
Реизборот на Директорската позиција во УЈП во август , според информациите бил дел од политичкиот договор во Пржино, за излез од политичката криза во која влезе Македонија, бидејќи името на Трајковски беше доста споменувано и во прислушуваните разговори што ги објавиваше опозицијата. Сепак за кадровски решенија досега не разговарале двете најголеми партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.
Инаку, во моментов даночниците се без заменик директор откако неодамна во Струга беше застрелан Аргетим Асани.
Работата на Управата за јавни приходи беше критикувана и во извештајот на германскиот експертРајнхард Прибе, кој понуди и препораки за ослободување од политичките стеги на оваа институција.
Кариера исполнета со многу контраверзии
Директорувањето на Горан Трајковски со Управата за јавни приходи ќе остане запаметено со многу контраверзии во јавноста. Трајковски беше еден од клучните играчи кои кумуваа на затворањето на највлијателната телевизија во Македонија А1 ТВ. Шефот на даночниците Горан Трајковски за време на случувањата во А1 тврдеше дека нема никаков упад во медиумот, нагласувајќи дека повеќе од 12 часа 6 инспекторки на УЈП биле безмалку во заточеништво. Иако тврдеше дека се што се случува во А1 е редовна контрола на трговски субјекти. По извесен период А1 телевизија згасна. Името на Горан Трајковски, за кои многумина коментираат дека е исполнета со многу контраверзии, особено добија на тежина по обелоденувањето на политичките бомби од страна на опозициската СДСМ. Во презентираните аудио разговори во неколку наврати се слушаа и разговори на Горан Трајковски, во еден дел со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, за во друг случај со екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Во некои од разговорите се слушаше како инспектори на УЈП казнуваат дуќанџии и кафулиња во Прилеп и Струмица, затоа што биле блиски до опозицијата.
