Директорот на српското електростопанство поднесе оставка: Силно лоби сака да ја остави Србија без струја
Директорот на српското државно електростопанство Милорад Гргиќ си поднесе оставка, а во писмото упатено до премиерката Ана Брнабиќ вели дека си заминува поради силното лоби кое сака да ја остави Србија без домашно производство на електрична енергија со затворање на термоелектраните и рудниците за фосилно гориво.
„Во исто време, ЕПС долго време се бори со лоби кое би ја клекнало Србија на колена, ќе ги затвори рудниците и термоцентралите. Тоа го прават за туѓ интерес, сосема отворено. Планирале Србија да ја остават без струја, но биле спречени од Александар Вучиќ. Без него и неговата одлучност и посветеност би останало се мртва буква на хартија“, напиша Гргиќ во дел од своето писмо.
Тој додава дека српскиот претседател Александар Вучиќ бил на негова страна и не дозволувал да се затвораат блокови на електроцентрали, туку настојувал тие да се ревитализираат. Гргиќ смета дека лобито за затворање доаѓа од министерката за рудсрство и енергетика Зорана Михајловиќ, која работи во интерес на западните амбасади.
„Почитуван премиере на Србија, на крајот од оваа опширна презентација, би сакал да ви го свртам вниманието на еден важен момент. Сега, кога веќе не сум в.д директор на ЕПС, кога можам да го кажам она што ми е при срце, без да се грижам за хиерархијата, ве предупредувам на следново. Ако г-ѓа Зорана Михајловиќ остане на чело на Министерството за рударство и енергетика повеќе од три месеци, ако го води тоа министерство и еден ден по изборите, нашиот електроенергетски систем е осуден на смрт, на целосна пропаст. Г-ѓа Михајловиќ, работејќи за своите ментори од западните амбасади и нејзините деловни партнери, не само што уништува едно од најважните министерства, туку целосно го уништува целиот наш електроенергетски потенцијал и го уништува тој сектор, кој е срцето на нашата земја“, додава Гргиќ.
