Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ИНВЕСТИЦИИ, ПАВЛЕСКИ, НАЈАВИ ПРВА ФАБРИКА ЗА ЧИПС - но, дали е прва, или таква веќе има во Битола

ДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ИНВЕСТИЦИИ, ПАВЛЕСКИ, НАЈАВИ ПРВА ФАБРИКА ЗА ЧИПС - но, дали е прва, или таква веќе има во Битола

Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дејан Павлески денеска најави дека во земјава ќе биде отворена првата фабрика за чипс. Во тек се, рече Павлески, и контакти со неколку други компании за кои е извесно дека ќе инвестираат.

Според него, има преговори и со компанија во делот на автомотив индустријата чија инвестиција се проценува на повеќе милиони евра и која треба да отвори над 1.000 вработувања. Исто така е извесно дека до крајот на годината ќе почне со работа и компанија од услуги и сервиси која ќе отвори нови 500 вработувања со солидни плати.

„Сакам да испратам една охрабрувачка порака, дека економијата полека се враќа во нормалнет тек. Сепак, се зависи од случувањата на светско ниво поради пандемијата. Покажавме отпорност како економија и мислам дека сме на добар пат. Има доста заинтересирани инвеститори, нашата држава е препознаена како добро подрачје за инвестиции кое нуди многу поволности. Во тек се неколку инвестиции, но имаме контакти и со неколку компании за кои е извесно дека ќе инвестираат. Може да најавам нова фабрика за чипс која ќе биде прва и единствена во нашата држава, друга во Битола ќе инвестира пет милиони евра во проширување на своите капацитети со над 100 нови вработувања, ќе го развиваат својот центар за истражувања и развој“, истакна директорот откако претходно соопшти дека македонските компании може да се пријавата за наградите „go global“ на Меѓунардониот трговски совет.

Иако имаше црни сценарија, минатата година, посочи Павлески, заврши со 206 милиони евра странски инвестиции. Тоа е за околу 15 отсто повеќе во споредба со 2017 година.

Но, на социјалните мрежи се појавија реакции дека фабриката за чипс што ја најавува Павлески не е прва во земјава, како што вели тој. 

Божидар Божиновски напиша дека во Битола веќе 4 до 5 години постои таква фабрика. 

„Директорот на Агенцијата за странски инвестиции Павлески најави дека ќе се отвара првата фабрика за чипс во Македонија. Ако директорот е толку неписмен да не знае дека веќе 4-5 години има фабрика за чипс во Битола, што останува за другите“, реагираше Божиновски на својот фејсбук профил.

Како што покажуваат пребарувачите, во 2016 година во битолското село Кравари била пуштена во работа фабриката за производство на чипс, браундфилд инвестиција на Горданчо Мирчевски, повратник од Австралија.

„Инвестицијата се проценува на околу 3 милиони евра, а во неколку години е планирано да се вработат околу 100 лица. Ова ќе биде прво македонско производство на чипс од свеж компир и ќе значи индиректни работни места, соработка со домашни фирми и откуп на поголеми количини компир од македонски производители“, беше објавено на пуштањето во употреба на фабриката.

Слично

Поврзани вести