ДИРЕКТОРКАТА НА ПАЗАРНА ИНСПЕКЦИЈА ЗА КАЗНАТА ОД 7.000 ЕВРА - се додека важат овие мерки, ние мора да постапуваме, угостителите долго беа едуцирани и опоменувани
Силни реакции во јавноста предизвика видеото во кое угостител од Гевгелија, сопственик на ресторанот Крим, реагира за огромна казна која ја добил, од дури 7.000 евра, за затекнати гости без вакцинални сертификати.
Ова предизвика бура од коментари и на социјалните мрежи, а едно од прашањата што се поставувашпе беше и тоа зошто ваква драконска глоба е изречена во време кога многу европски државви веќе не бараат ковид сертификати ни за влез во тие земји, ниту во нивните објекти, што е во рамките на олабавувањето на здравствените мерки.
Фактор за ова побара став диеректно од директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска, за тоа дали е во ред да се изрекуваат толку високи казни на угостители, кои не можат да се вратат на здрави нозе поради големите пандемиски рестриктивни мерки во изминативе две години.
Димоска, во разговор за Фактор, вели дека угостителот е откриен при контроли кои ги вршеле инспектори на Пазарната инспекција, заедно со инспектори на УЈП, Државниот трудов инспекторат и Министерството за внатрешни работи, кои ги легитимираат гостите.
„Она што утврдиле МВР е дека пет лица биле без сертификат. Значи тие воопшто немале вакцинален сертификат. Во случај кога би имале лажни сертификати, тогаш против тие лица кои се откриени со лажни сертификати, би се поднеле кривични пријави. Но, во овој случај е откриено дека петмина гости воопшто немале сертификати, што стои и во записникот изготвен од инспекторите“, објаснува Димоска.
Таа потенцира дека согласно Законот за заштита од заразни болести, согласно член 58, се предвидени санкции за вакви прекршоци, зависно од видот и големината на субјектот, и тоа казни од 2.500 до 3.000 евра за микро трговци, потоа од 5.500 до 6.000 евра за мали трговци, потоа глоби од 17.500 до 18.500 евра за средни трговци и глоби од 25 илјади до 30 илјади евра за големи трговци.
„Во случајот со угостителот од Гевгелија, според податоците од Централниот регистар, стои дека станува збор за мал трговец, што значи дека за таа категорија казните се од 5.500 до 6.000 евра. Во овој случај кај трговецот е изречена минималната казна од 5.500 евра, но има плус 1.500 евра за одговорното лице, или вкупно 7.000 евра“, вели Димоска.
На нашата забелешка дека во европските држави веќе се укинуваат задолжителните ковид сертификати, таа вели дека Државниот пазарен инспекторат не е орган кој носи закони и политики, туку е орган кој го спроведува законот таков каков што е на сила во моментов, а во овој период нашиот закон ги предвидува токму овие казни.
„Доколку нашата Влада одлучи дека треба да се укинат тие мерки, односно да нема ковид сертификати, ние нема да ги бараме од угостителите, но се додека се тие на сила, ние мора да постапуваме. Ние долго време бевме толерантни, со месеци едуциравме, опоменувавме... Сега гледаме дека секаде угостителите се олабавија, и на многу места и не се бараат тие сертификати, но факт е дека законите се уште тоа го налагаат. Ако се уште постои таа мерка, треба да се почитува“, вели Димоска во разговор за Фактор.
Таа нагласува дека во изминатиот период, токму од медиумите ДПИ имале голем притисок да санкционираат угостители кои не бараат и кај нив има гости без вакционални сертификати.
„Постојано до нас стигнуваат видеа во кои се гледаат забави со многу гости, без сертификати, и се бара да ги санкционираме тие појави. Сега, пак, кога има преземено мерки, реакциите се зошто се толку високи глобите. А факт е дека глобите се толку високи бидејќи се работи за закон за заштита на здравјето на граѓаните. Инаку, другите глоби за угостителите се многу пониски, по околу 100 евра, и тие нив без проблем ги плаќаат и затоа за нив не се ни жалат“, објаснува Димоска.
Инаку, на гевгелискиот угостител, вкупната глоба од 7.000 евра може да му се преполови на 3.500 евра доколку ја плати во рок од осум дена. Доколку не ја плати, пак, се оди на суд за прекршоци, кој ќе ги цени сите околности и ќе изрече колку ќе биде глобата.
„Судот во тој случај ќе утврди колкава ќе биде казната. Ние не се мешаме во судската одлука и врз неа немаме влијание. Можеби судот ќе утврди други околности и ќе ја намали казната на угостителот, а ние во таа одлука нема да се мешаме“, објаснува Димеска.
Конкретно за гевгелискиот угостител, Димоска нема точна информација дали кај него претходно биле изречени опомени дека не смеат да се примаат гости без вакцинални сертификати.
„Денеска ќе разговарам со инспекторите за точно да се информирам дали досега кај тој угостител биле затекнати гости без сертификати и дали имало опоменти. Но, сигурно дека тој угостител бил информиран за правилата што важат, со оглед што таму се организирале и забави, имало и музика. Инаку, ние опомени можеме да изречеме само усно“, објаснува Димоска.
Таа е децидна дека овие контроли и санкции ДПИ не ги изрекува со цел, како што многумина во јавноста се сомневаат, да се полни буџетот.
„Не станува збор за полнење на буџетот,. Ние во јануари и февруари имаме спроведено 265 надзори, а затворени се само 21 субјект, што значи под 10 отсто, што укажува дека не станува збор за многу казнување“, нагласува директорката на ДПИ.
Како што веќе објави Фактор, Илија Митрев сопственик на гевгелискиот ресторан „Крим“ им се обрати на надлежните од пред ресторанот кој пред неколку дена бил казнет со казна од 7.000 евра.
„Две години се боревме да преживееме. Две години не можеме два денара да извадиме. Позајмици правам да платиме струја, плати. Ова е катастрофа. Дали сум јас или некој друг, вака не бива. Јас не сум убиец. Идат гости, во време кога има 100.000 лажни сертификати, кога економијата е нула, ова ни го прават, знаете ли колку пара е седум илјади евра“, изјави сопственикот Ице на собирот на граѓани пред неговиот ресторан кои дојдоа да му изразат поддршка против одлуката на гевгелиската инспекција.
Нина Нинеска-Фиданоска
