Економија, финансии, бизнис

Контакт

Директорите се правдаат, ревизијата обвинува: Како се работело во агенцијата за вработување?

Директорите се правдаат, ревизијата обвинува: Како се работело во агенцијата за вработување?
Агенцијата за вработување не носела незаконски одлуки, вели за Фактор директорот Влатко Поповски, откако Државниот завод за ревизија обелодени дека одлуките ги носел Управниот одбор, но со членови на кои им е истечен мандатот. „Сите одлуки се донесени согласно законите. Точно е дека имаме членови со истечен мандат, но тоа се тројца, а ние имаме девет члена, што значи дека останатите шест можеле да носат одлуки“, објаснуваВлатко Поповски, директор на Агенција за вработување. Сепак, ревизорите сметаат дека ваквата состојба во Агенцијата за вработување може да биде спорна во однос на тоа дали одлуките што се носеле биле законски. „Ова влијае врз законитоста на превземените активности за управување со Агенцијата, како и на донесените акти и одлуки поврзани со нејзината дејност, кои истовремено имаат влијание врз користење на буџетските средства“, алармираат ревизорите. Во текот на ревизијата е утврдено дека Управиот одбор е составен од девет члена, од кои пет именува Владата, а по двајца именуваат од организацијата на работодавците и организацијата на синдикатот. Но, на дел од нив мандатот им е истечен, а нови не се именувани. „Со увид во актите за именување на членови на Управиот одбор, ревизијата констатира дека на три члена, меѓу кои и на претседателот на Управниот одбор мандатот им завршил во 2012 и 2014 година, а на еден член му завршил во 2015 година, додека за уште еден член не е доставен на увид актот за негово назначување. Истовремено, од страна на надлежните институции не се донесени нови одлуки за именување, продолжување на мандат на членовите на Управниот одбор“, откриваат ревизорите. Од ваквата констатација на ревизорите, произлегува дека во 2015 година имало тројца членови со истечен мадат, и уште еден за кој не е доставен увид во актот за негово назначување – односно четворица помалку. Или валидни членови биле само пет, што не е доволно за носење на одлуки. Но, Поповски ја негира оваа состојба и вели дека секогаш имало по шест членови на Управен одбор кои имале валидна документација и со тоа одлуките може да се носат согласно законите. Сепак и покрај објаснувањата од Агенцијата за вработување, ревизорите сметале дека ваквата состојба има влијание врз носењето на одлуките. „Органот на управување има донесено одлуки во текот на 2015 година, кои имаат влијание врз деловната политика и мандатот, како и на користење на буџетските средства“, забележале ревизорите. Агенцијата за вработување на забелешките на ревизорите се правдале дека за состојбата не се виновни тие, туку Владата. Појасниле дека од Агенцијата неколкупати се обратиле до надлежните органи одговорни за именување на членови на Управен одбор, но состојбата до периодот на завршување на ревизијата не била променета. Луѓе од владата и синдикатите во Управен одбор на Агенцијата за вработување Во Управниот одобр на Агенцијата за вработување на предлог на Владата биле назначени Џемаиљ Јусуфи, Ќемал Нур , Влатко Стојкоски, Бранка Георгијевска и Луке Галевски. Додека пак на предлог на организација на работодавачи и огранизација на синдикат членови се Ангел Димитров, Белинда Николовска, Пецо Ристески и Дојчин Цветановски. Со истечен мандат се бил претседателот на Управниот одбор Џемаиљ Јусуфи кој е кадар на ДУИ. Со него не успеавме да стапиме во контакт, но во неговиот имотен лист тој пријавил дека е член на УО на Агенцијата и дека за тоа има месечн надоемсток од 6.400 денари. Според информациите од Агенцијата за вработување, истечен бил мандатот и на Ќемал Нур од турската партија. Со Јусуфи и Нур, не успеавме да стапиме во контакт. На листата назначени од Владата, покрај Стојкоски и Георгиеска, за кои нема многу податоци се наоѓа и Луке Гелевски. Гелевски, доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ и сега е задолжен за односи со јавност на во Кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски. Гелевски, за Фактор вели дека неговиот мандат не е истечен. „Мојот мандат како член на Управен одбор на Агенцијата за вработување е валиден. Не ги знам останатите членови лично, освен тоа што сме се гледале на седниците“, вели за Фактор Гелевски. Проблеми со документацијата и мандатите има и кај Пеце Ристевски од СМЕР, и Ангел Димитров од Органзиација на работодавачи. „Агенцијата и ССМ, не може да го најдат документот што практично е второто известување за продолжување на мојот мандат, а кое секако им беше доставено“, вели за Фактор Пеце Ристевски кој е предлог на синдикатите. „Не знам точно кога ми е истечен мандатот, но можам да кажам дека ние пред еден месец доставивме предлог за мое назначување, кое се уште не е верификувано од страна на Владата“, кусо за Фактор објасни Ангел Димитров, кој е предлог на Организација на работодавачи. Освен проблеми со мандатот на членовите на Управниот одбор, ревизорите констатирале и серија други забелешки во работењето на Агенцијата за вработување.
Слично

Поврзани вести