За директори и градоначалници „бесплатни“ Audi A6 и Mercedes E Class
Запленетите возила кои ги има Агенцијата за управување со одземен може да ги отстапува на функционери, правобранители и инспектори според определени критериуми по класи на автомобилите и бодување, земајќи го во предвид новиот правилник кој стапи во сила.
Органите на државната управа, трговски друштва основани од Република Македонија, јавни претпријатија, агенции, јавни установи основани од државата, општини, независни регулаторни тела и други државни институции ќе добијат „бесплатен“ автомобил по поднесено барање на кое треба да им биде одговорено.
Агенцијата без надомест ќе отстапува возила, а по новиот правилник приоритет ќе имаат оние институции на кои не им било отстапено возило до сега, односно оние кои имаат најмалку бодови ќе имаат првенство. Бодувањето ќе важи и за состојбата на возилото, па така автомобил со вредност до 1.500 евра, постаро од 10 години, со поминати над 200.000 евра и во лоша состојба носи само 4 бода, што ја остава институцијата во можннот да побара уште еден таков.
Како критериуми се земаат и опременоста на возилото, надворешната состојба на каросеријата и внатрешниот ентериер.
Само функционери од рангот на премиерот и министрите може да добијат возило од висока класа како BMW 7, Mercedes S Class, Ауди А8 или Jaguar XJ. Луксузна средна класа на возила како Audi A6 и Mercedes E може да добијат стручните служби во Владата и министерствата, претседателите на самостојните државни органи, раководителите на јавните претпријатија, агенции, јавни установи основани од државата, на судската власт и другите правосудни органи, како и градоначалниците.
Средна класа на возило, како што се Volkswagen Passat, Ford Mondeo, Opel Insignia, Peugeot 508, Mazda 6 може да добијат стручните служби кои работат во овие институции и општините.
Министерот Оливер Спасовски од неодамна се вози во бело БМВ 7 кое важи за луксузно возило и на пазарот може да достигне цена и до 150.000 евра. Од Кабинетот на министерот за „Фактор“ потврдија, додавајќи дека е многу добро што Министерството за возилото нема платено ниту денар бидејќи автомобилот бил од Агенцијата за управување со одземен имот.
Според критериумите, при доделување на вакво возило предност ќе има министерот пред директорот, а овој пред инспекторот итн. Претседателот на Собранието и на државата имаат поголема бодовна предност во однос на вицепремиерите, а овие пред секретарите, градоначалниците, обвинителите итн. Како критериум се зема и бројот на вработени со кој раководи барателот на автомобил.
А.К.
