Директор на норвешки конзорциум од Тетово со 25 години отвора фирми за градежништво и енергетика
Ариан Етеми, член на бордот на директори на Нормак Инвестмент Гроуп, норвешкиот конзорциум кој под 90-годишна концесија управува со технолошко-индустриската развојна зона во Тетово, истовремено во изминатиот период станал и сопственик на неколку фирми кои работат надвор од оваа дејност.
Во биографија на Етеми пишува дека е роден во 2000 година, а последната фирма која ја основа директорот за обновливи извори на енергија на Нормак е АЕ Пропертиес, регистрирана овој месец со седиште во Тетово и дејност изградба на згради, алудирајќи на градежен изведувач во најава.
Претходно во 2022 Етеми ја има сновано АЕ Солар Инвест, која веќе е етаблирана компанија во дејноста обновливи извори на енергија. Оваа фирма на Етеми во меѓувреме успеала да ја преземе Декасол Капитал во 2023, фирма за производство на електрична енергија, а потоа во април 2025 да ја продаде на ССК Балканс, компанија која годишно врти милиони евра од изградба на фотоцентрали за други нарачатели и има сопственик Украинец. Етеми со АЕ Солар Инвест лани формира уште три фирми за производство на електрична енергија - Солар НГТ, Солар СТЕ и Солар МЛТ.
Не успеавме да стапиме во контакт со Етеми, а генералниот директор на Нормак, Александар Зарков, ни рече дека компанијата нема никаква врска со изградба на станови и со производство на електрична енергија и дека единствана дејност е менаџирањето со индустриската зона. Тој додаде дека секој како поединец може да регистрира свои фирми.
Нормак Инвестмент Гроуп ја доби концесијата во технолошко – индустриската развојна зона во Тетово во 2013 со земјиште со површина од над 97 хектари. Концесионерот истата година започна со изградба на инфраструктурата, за потоа да привлече и неколку фабрики како инвеститори, односно клиенти.
Нормак Инвестмент груп стопанисува со зоната преку договор за јавно приватно партнерство. Минималната капитална инвестиција, според договорот, на почеток требаше да биде седум милиони евра, а предвидените дополнителни вложувања треба да достигнат 150 милиони евра. Од друга страна, државата требаше да ја изгради сообраќајната врска со постоечката патна мрежа.
ТИРЗ Тетово е првата индустриска зона во земјава во која се применува моделот за јавно – приватно партнерство за нејзината изградба и управување. „Норман инвестмент груп“ е конзорциум зад кој стојат три приватни и две државни фирми од Норвешка.
А.К.