Димовски огорчен од средбата во Владата: Да видам како со 15.200 денари ќе ги платат сметките во февруари
Дарко Димовски, претседателот на СОјузот на синдикати на Македонија, по денешната средба во Владата изјави пред медиумите дека не е постигнат договор за зголемување на минималната плата на 18.000 денари. Било поставено барање и за изплата на К-15 за сите вработени во јавниот сектор, но ниту на тоа не добил одговор.
- Како синдикат не сме задоволни од денешната средба во Владата за нашето барање за минималната плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на сите плати во државата, како и барањето за регрес за сите работници во јавниот сектор. Единствена светла точка од денешните разговори беше закажувањето на економско-социјален совет во среда на кој ќе се разговара на трипартидно ниво, рече Димовски.
Тој најави дефинитивен штрајк, доколку ниту во среда не биде постигнат договор.
- Не го прифаќаме зборот „ќе“ туку „кога и колку“. Во средата битката продолжува за работничките права. Доколку не се исполнат во среда нашите барања, издржани од анализата, јавно повикувам на штрајк.
Со 15.200 денари нека живеат социјалните партнери и нека си ги платат сметките во тековниот месец февруари, нагласи Димовски.
