Димова: Се задолжуваат со пари што можат да ги трошат без контрола
Лидија Димова, пратеничка од СДСМ изјави дека денешниот нов обид на власта на Никола Груевски да ги задолжи граѓаните со неверојатни 650.000.000 евра преку издавање на еврообврзницата е доказ дека криминално-корупциска власт намерно бега од ИПА фондовите, за да можат да се задолжуваат со пари што можат да ги трошат без контрола.
„Десет годишната власт на Никола Груевски не создаде институционален капацитет за користење на ИПА средствата од Европската Унија. Искористеноста на парите од ИПА фондовите во измината деценија е само околу 150 милиони евра. Ако власта на Груевски имаше намера да обезбеди подобар живот за граѓаните на Македонија ќе направеше се што е потребно да ги употреби парите од ИПА фондовите во борбата против корупцијата, добро владеење со јавните финансии, изградба на инфраструктурни проекти, изградба на социјална инфраструктура, подобрување на образованието итн. Но, фамилијата на власт сака пари во нивните џебови. Затоа, Груевски и соработниците, наместо да ги користат неповратните средства преку ИПА програмите или евтините кредити од ММФ, Владата прави последни напори да се осигура дека до крај никој да не им пречи во полнењето на приватните џебови“ - рече Димова.
Според неа, издавајки ја еврообврзницата по екстремно висока цена прават долг кој ќе треба допрва да го плаќаат сите граѓани на Македонија.
