Димова: Државата е неспособна со менаџирање на европските фондови
Пратеничката од СДСМ, Лидија Димова смета дека со кратењето на околу 100 милиони евра од фондовите ИПА наменети за Македонија, државата покажува дека е неспособна со менаџирањето на европските фондови.
Според Димова, кредитите од другите финансиски институции ќе бидат поскапи, затоа што се покажува дека државата е ризична за кредитирање. Неискористувањето на европските фондови е индикација за движење на работите во државата, додава таа.
„Се испраќа порака дека Владата нема административен и апсорпционен капацитет за да ги искористи европските пари, што негативно влијае врз имиџот на државата. Во тој случај и кредитите што ќе ги земете како држава ќе бидат поскапи и кредиторите ќе ве сметаат како ризично подрачје за да ви даваат кредити. Доколку имате голема искористеност на ИПА-фондовите, ќе имате и помалку кредити“ – вели Димова.
Димова рече дека главна причина за санкциите од ЕУ е неискреноста на власта во процесот на евроинтеграциите.
Според неа, Владата не сака да ги искористи европските пари бидејќи не може да манипулира со нив.
