Димитровски добил отказ оти на Јорданов не му се допаѓале неговите колумни?
Досегашниот главен и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“ Зоран Димитровски се сомнева дека причина за неговиот отказ бил фактот што сопственикот на медиумот, бизнисменот Минчо Јорданов, не се согласувал со ставовите изнесени во неговите колумни.
„Ми бреше речено од страна на Јорданов дека сум ги нарушувал професионалните новинарски стандарди и сум манипулирал политички, сум манипулирал со вистината во моите колумни“, објасни Димитровски за веб-порталот Нова.
Менаџментот на „Нова Македонија“ се уште не се огласил за причините за отказот на Димитровски, иако тоа го побара и претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани.
„По смената на Главниот и одговорен уредник на дневниот весник Нова Македонија, Зоран Димитровски, сега веројатно на многу скептици им е појасно зошто Македонија е на 123 место во индексот на Репортери без граници за слободата на изразување. Очекуваме објаснување од сопственикот на весникот, кои се причините за сменувањето на Димитровски. Новинарството е јавна професија и сметаме дека менаџментот должи такво објаснување на јавноста а посебно на читателите на Нова Македонија кои заради ваквата уредувачка политика во изминатиот период го купувале весникот. Со тоа ќе се отстранат сите сомнежи околу вистинските причини за смената на уредникот Димитровски“, вели Селмани.За него симптоматично е што отказот за Димитровски доаѓа токму во време кога се распишани претседателските избори, а во јавноста гласно се зборува дека ќе има и предвремени парламентарни избори, што остава можност да се бара и политичка позадина на оваа смена. Како најверојатен наследник на Димитровски на позицијата главен и одговорен уредник во „Нова Македонија“, се споменува името на Слаѓана Димишкова, вработена во овој весник и претседателка на другото новинарско здружение Македонска асоцијација на новинари (МАН).
Слично
