Димитров доби покана од Захариева за полноправно членство на Македонија во БСЕК
Министерството за надворешни работи за време на посетата на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во Софија соопшти дека Македонија добила покана за полнопрано членство во Организацијата за црноморска економска соработка.
Одлуката да се испрати покана до нашата земја за полноправно членство во Црноморската организација е донесена на денешниот состанок на 40-тата седница на Советот на министри за надворешни работи на земјите-членки.
Покана на министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, му ја упатила на Димитров, а како што пренесе БГНЕС, по завршувањето на состанокот истакнала дека одлуката во Организацијата ја донеле едногласно.
- Нашата иницијатива беше да ја поканиме Северна Македонија на 13-ти. Драго ми е што сите ние едногласно одлучивме да ја испратиме официјалната покана. По ратификацијата на нашата повелба, таа ќе стане полноправна членка, рече Захариева.
БСЕК е регистрирана меѓународна регионална организација за црноморска економска соработка и во неа веќе членуваат Албанија, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Грузија, Грција, Молдавија, Романија, Русија, Србија, Турција, Украина.
