Димитриев присуствуваше на Ифтар вечера во Велес
Премиерот Емил Димитриев синоќа во Велес присуствуваше на Ифтар вечера, која ја организираше велешкиот градоначалник, Славчо Чадиев.
Ифтар вечерата е во рамки на рамазанските пости, а Димитриев упати честитки до исламските верници за светиот месец Рамазан.
„Различностите во Македонија се наша предност и богатство кои треба да ги негуваме, а ВМРО-ДПМНЕ тоа го препознава од дамнина уште од Крушевскиот манифест, кој е еден од најавтентичните граѓански акти кои нашата организација го има донесено од минатото, како и од политиката која сега ја спроведуваме. Како верник немам проблем да живеам со вистински верници од различни вероисповеди. Мене ме загрижуваат луѓе кои недоволно ја познаваат верата и се предмет на структури кои не мислат на добро за иднината на земјава„ - изјави премиерот.
Димитриев рече дека дава силна поддршка на учењето на верските доктрини, на нормите на сите религии кои постојат во Македонија, затоа што тие проповедаат мир, соживот, соработка.
