Димитриев наспроти Адеми – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги стокмија преговарачките тимови за нова влада
Абдулаќим Адеми, Фатмир Бесими, Муса Џафери, Блерим Беџети, Аднан Јашари, Артан Груби и Бујар Османи - ова се претставниците на Али Ахмети во преговорите за формирање на новата влада.
Тимот на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да го води Емил Димитриев, но нема информации кои ќе бидат други членови во него. По претходните избори во името на оваа партија преговараа Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска, Никола Тодоров, Владимир Пешевски и Зоран Ставревски.
Нема информации со каква платформа ќе настапи ДУИ во преговорите, но Ахмети уште во предизборниот период најави дека ќе го бара претседателското место во Собранието, како и неколку клучни ресори во Владата.
Дел од барањата на партијата на Ахмети се очекува да бидат и уставни измени за избор на претседател во Собранието, официјализирање на албанскиот јазик и рамковен буџет. Засега Ахмети не е подготвен за заедничко учество во Владата со ДПА на Мендух Тачи, тврдат партиски извори.
Груевски вчера оствари средба со Ахмети на која договорија да се формираат работните тимови за преговори за составот на новата Влада. Претходно Груевски се сретна и со Тачи, од кого добил уверување дека ДПА ќе ја поддржи Владата дури и ако не влезе во неа. Сепак, албански медиуми тврдат дека учеството на Тачи во Владата е договорено и оти можно е лидерот на ДПА да биде нов министер за внатрешни работи.
Слично
