Димитриев: На 8 Септември ја славиме нашата независност и нашата победа
Премиерот Емил Димитриев по повод Денот на независноста испрати честитка до граѓаните во која наведува дека 8 Септември е нашиот трет Илинден – празник кога ја славиме нашата независност и кога ја прославуваме нашата победа.
Вели дека пред точно 25 години, силно верувајќи во вековната идеја за независност и самостојност, водени од илинденската и асномската идеја и аманетот на предците за труд, постојанство и одлучност во промоцијата и заштитата на националните интереси, македонските граѓани ја донесоа одлуката за слободна, независна и суверена Република Македонија.
„Одлука која значеше остварување на вековниот сон на нашите предци и триумф на нашата вековна борба. Токму затоа 8 Септември е нашиот трет Илинден – празник кога ја славиме нашата независност и кога ја прославуваме нашата победа. Празник кога оддаваме почит и благодарност до сите наши предци кои со својата храброст, пожртвуваност и посветеност го трасираа патот на независна и самостојна Република Македонија, но и празник кој не поттикнува да размислуваме за иднината на нашата држава и за дејствување кое секогаш е водено од добра мисла и добра намера“ - пишува во честитката Димитриев.
Додава дека Република Македонија изминативе 25 години, се соочуваше со бројни предизвици како на домашен така и на меѓународен план. Според Димитриев, имало бројни успеси и позитивни резултати, но и години со многу премрежја и негативни процеси.
„Години во кои покажавме дека пред се македонските граѓани имаат капацитет, сила и знаење да се соочат и да го надминат секој предизвик, демонстрирајќи при тоа огромна одговорност, мудрост и посветеност секогаш кога станува збор за интересите на државата“ - рече Димитриев.
Вели дека Македонија е исправена пред нов предизвик за конечна разрешница на политичката криза која подолг период е присутна во нашата држава. Димитриев верува дека граѓаните на Република Македонија, кои од 8 Септември 1991 година се свои на своето, на претстојните избори уште еднаш ќе ја покажат на дело својата мудрост и одлучност, и дека како многупати досега, Република Македонија и од оваа криза ќе излезе посилна и ќе продолжи да чекори по трасираниот пат за развој и просперитет.
