Димитриев-Хајндл: Остварување на напредок во евроинтеграциите е клучно за Владата
Премиерот Емил Димитриев, денеска се сретна со Јоханес Хајндл, германскиот специјален пратеник.
Тие разговараа за актуелната политичка состојба во државата, за интеграциските процеси како и чекорите кои се преземаат во рамките на акцискиот план за реализација на итните реформски приоритети на државата.
Димитриев изјави дека клучно за Владата е остварување на напредок на полето на евроинтеграциите, при што со силен интензитет се работи на реализација на препораките. Тој посочи дека се спроведуваат стотици реформски мерки кои ги иницираше Владата и на тој начин се надоместува периодот кога беа распишани изборите и кога таквите активности не одеа со динамиката која беше посакувана.
Премиерот објасни дека сега со прецизен акциски план се задолжени сите државни институции, преку јасно дефинирана рамка за спроведување на препораките и реформите посочени од меѓународната заедница да се стигне до надоградување на стандардите во правосудството, јавната администрација, безбедносниот сектор, медиумите, меѓуетничките односи.
На Хајндл му пренесе дека дел од реформите ќе бидат спроведувани веднаш од институциите, а за дел ќе расправа Владата и ќе одлучува Парламентот, додека некои реформи ќе бидат формулирани преку поширок политички дијалог.
Хајндл по трет пат доаѓа во земјава, при што ќе се сретне со политичките лидери, претседателот Ѓорѓе Иванов, и специјалната обвинителка Катица Јанева.
