Димитриев: Фирмите да ги ослободат од работа жителите од настраданите подрачја
Премиерот Емил Димитриев денеска повика фирмите да ги ослободат од работа сите жители од настраданите подрачја, објаснувајќи дека институциите нема ништо да загубат со нивното привремено отсуство.
Тој денеска го посети Стајковци заедно со министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
„Сега е важно прво војниците и волонтерите да се пуштат да ја завршат својата работа, да се исчисти целиот неред и да се спречи ширењето на болести. Комисиите за процена ќе поминат во секој случај“ – изјави Димитриев.
Димитриев порача на населението да ги пушти волонтерите и војниците да ја завршат својата работа, затоа што има дел од граѓаните кои не ги пуштаат во страв дека е можно подоцна да има погрешни резултати во проценките.
Стајковци се смета за најкритична точка која беше погодена од невремето во сабота.
Пумпи и механизација се обезбедени за расчистување на теренот.
