Димитриеска-Кочоска за енергенсите: Доколку има потреба Владата ќе интервенира
Mинистерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска вели дека состојбата со енергенсите будно се следи и доколку има потреба Владата ќе интервенира.
Сега не смета дека состојбата е надвор од контрола.
„Да не ги драматизираме работите и да не додаваме повеќе од тоа што е. Имаме доволно резерви на енергенси, а со маркетите е договорено ако забележат зголемување на влезните цени на производите да го информираат Пазарниот инспекторат“, рече министерката.
Во интервју за телевизија Канал 5, министерката за финансии појансува дека сегашната криза е сосема различна од онаа во 2022 година и дека Министерството за финансии може да реагира откако ќе се прогласи кризна состојба.
„На дневна основа се прават анализи за тоа што се случува на Блискиот Исток и како се движи цената на нафтата и она што Министерството може да го преземе или да постапи е откако ќе се прогласи кризна или воена состојба. Во вторникот немаше предлог за кризна состоба затоа што имавме намалување на цените на нафтата. Ние правиме споредба и со она што се случуваше во 2022 година. Ако се спореди со 2022 година, точно на 12 март цената на нафтата била 117 долари за барел, а денес имаме состојба во која цената на нафтата е околу 100 долари за барел. Сега имаме сосема различна состојба за разлика од 2022 година“, посочи Димитриеска-Кочоска.
Министерката вели дека на состанокот со нафтените компании сите потврдиле дека имаат доволно резерви.
фото Фејсбук/Гордана Димитриеска-Кочоска
