Димитриеска-Кочоска: Растот на платите го надминува растот на цените
Инфлацијата е предизвик низ цела Европа, но растот на платите во Македонија надминува раст на цените што значи дека животниот стандард не е намален, кажа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Дневникот на ТВ Сител.
„Кај нас, само во изминатата година, имаме раст на просечната плата од 10,1 отсто. Во исто време, инфлацијата во последниот месец изнесуваше 4,8 отсто, што значи дека животниот стандард не е намален – напротив, растот на платите е повисок од растот на цените“, кажа Димитриеска-Кочоска.
Министерката објасни дека Владата работи на краткорочни мерки за ублажување на ефектите од инфлацијата, но главниот фокус е на долгорочни структурни реформи и инвестиции.
„Инфлацијата е сложен проблем и нема „магично стапче“ за решавање. На краток рок, можат да се применуваат мерки како замрзнување на цени или маржи, но на долг рок потребни се суштински реформи. Токму затоа постојано нагласувам дека е неопходно поголемо вложување во земјоделството. Најголем раст на цените бележиме кај овошјето и зеленчукот, а тоа е директна последица од недоволното производство и климатските услови. Базичната инфлација е таа што го создава најголемиот ценовен притисок, особено преку услугите во угостителството. Тоа пак е резултат на растот на просечната плата, па потребни се подетални анализи за да можеме да направиме најреални проекции на инфлацијата и врз основа на нив да донесеме соодветни одлуки за даночната политика. Важно е да се нагласи дека минималната плата порасна за 5,6 отсто, а просечната за над 10 отсто, додека инфлацијата е 4,8 отсто. Тоа значи дека животниот стандард не е намален, напротив – за разлика од периодот кога опозицијата беше на власт. Ако се погледнат податоците, тогаш просечната и минималната плата пораснаа за околу 35 отсто, но цените на храната се зголемија за 39 отсто. Тоа јасно покажува дека во тој период стандардот на граѓаните беше нарушен, додека сега имаме подобрување“, појасни министерката.
За барањето на повисока минимална плата министерката потсети дека дека минималната плата пораснала за 5,6 отсто, а просечната за над 10 отсто, додека процесот на договарање на идната минимална плата се води во рамките на Социјално-економскиот совет, со поддршка од Владата.
