Димитриеска-Кочоска: Ќе се менува регулацијата за финансиските друштва за брзи кредити
Финансиските друштва за брзи кредити, ќе работат под построги правила и засилен надзор. Министерството за финансии подготвува измени на Законот за финансиски друштва, со кои треба да се зајакне контролата врз секторот, да се зголеми транспарентноста и да се обезбеди поголема заштита на граѓаните.
Со најавените измени се предвидува секое финансиско друштво да има задолжителни внатрешни тела, меѓу кои одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик и надзорен одбор. Ќе се воведат и построги правила за отворање нови деловни простории, за што ќе биде потребна претходна согласност од Министерството за финансии.
Една од поважните промени е и зголемување на основната главнина на финансиските друштва. Дополнително, се планира укинување на исплатите во готовина, па парите од кредитите ќе може да се исплаќаат само преку банкарска сметка. Според Министерството, ова треба да овозможи подобра следливост на финансиските текови и да го намали ризикот од злоупотреби.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за Телма, рече дека измените доаѓаат по засилени контроли во секторот и по утврдени слабости во постојната регулатива.
„По спроведените контроли утврдивме одредени слабости и непрецизности во постојната регулатива кои оставаат простор за различни толкувања и практики. Затоа пристапуваме кон заострување на критериумите и воведување поголем надзор, вклучително и задолжителни внатрешни одбори и ограничување на готовинските исплати“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека целта е поголема заштита на граѓаните и постабилно функционирање на секторот. Досегашните контроли покажале неправилности кај дел од финансиските друштва, а во одредени случаи биле преземени и мерки, меѓу кои и одземање лиценца.
Дел од постапките биле отворени и по пријави од граѓани, кои според министерката имаат важна улога во откривањето неправилности.
Со измените, Министерството очекува да се воспостават повисоки стандарди за работа на финансиските друштва и да се намали просторот за спорни практики на пазарот на брзи кредити.
