Димитриеска Кочоска: Досега во Владата не е дискутирано за намалување на платите на функционерите
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска вечерва во емисијата „360 Степени“ рече дека досега не е дискутирано во Владата евентуално намалување на платите на избраните функционери.
Министрите, директорите и другите избрани функционери по овој месец ќе добијат зголемување на платите од 200-300 евра согласно множењето на коефициентот со годишната просечна плата на национално ниво за 2025.
- Јас немам таква информација дали ќе се случи или не. На Влада досега ништо не е дискутирано и не сум ресорен министер одговорен за платите на функционерите. Ова прашање треба да се упати до ресорното министерство, рече министерката
Таа додаде дека нема да го објави личниот став по ова прашање за да „не биде злоупотребен“.
