ДИМИТАР ЦВЕТКОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ОДБОР НА ДИРЕКТОРИ НА „МАКСТИЛ“: Позитивни сигнали веќе има, владее внимателен оптимизам за наредната година
Со надеж за нова поуспешна година, со желби за подобро здравје за сите, крајот на оваа година традиционално го одбележуваме со серија обраќања на познати бизнисмени, банкари, претприемачи, директори на компании, брокери, или со еден збор сите релевантни чинители од домашната деловната заедница.
Неизвесноста која се наметна со пандемијата, продолжи низ годините, сега, пак, најмногу изразена преку високите цени на енергенсите и инфлацијата. Фактор во деновите пред и после Новата година со читателите ги споделува обраќањата на првите луѓе на најуспешните компании, фондови, консултанстки друштва...
Денеска ги пренесуваме за вас впечатоците и очекувањата на Димитар Цветковски, претседател на Одборот на директори на „Макстил“.
Завршуваме уште една многу комплицирана година. Во моментот кога мислевме дека излегуваме од двегодишната Ковид-19 криза, со сите проблеми што ни ги донесе, почна една нова глобална турбуленција предизвикана од војната во Украина. Мислам дека ќе помине уште доста време за да ги согледаме сите нарушувања што таа ги предизвика на сите полиња, меѓутоа имаше две, многу битни за работењето на „Макстил“. Во првите денови на војната, за многу кусо време од европскиот пазар на челик исчезна практично целото украинско производство (сконцентрирано во воените зони), како и добар дел од руското, поради санкциите. Тоа предизвика вртоглав и неконтролиран пораст на цените за челичните производи во Европа (главен пазар на Макстил). Во моментите на стабилизирање на пазарот со увоз на челик од други извори, избувна второто нарушување, односно енергетската криза, поради големата зависност на Европа од руските енергенси. За Макстил тоа значеше неколкукратно зголемени трошоци во услови на континуиран пад на цените на нашиот производ. Годинава ја завршуваме со цени кои паднаа на ниво од десетина проценти пониско од пред војната, а трошоци кои се два пати повисоки од пред војната. Финансискиот резултат е рекорден за Макстил и сме многу задоволни од него, меѓутоа истовремено сме и многу загрижени за иднината.
Очекувања за наредната година
Искуството од изминатите неколку години не научи да сме многу внимателни во очекувањата од иднината. Следната година ќе биде тешка. Главни двигатели на случувањата ќе бидат на некој начин поврзани со способноста на Европа да се справи со енергетската криза од една, и со забавувањето на потрошувачката од друга страна. Што се однесува до Макстил, имаме некои многу слаби позитивни сигнали од пазарот во овие предновогодишни денови. Се надевам дека истите ќе се засилат во периодот после празниците. Од друга страна, во очекување сме на најавената помош од Владата за големите потрошувачи на струја, како и за целосно либерализирање на пазарот со природен гас. Тоа што е наша работа, намалувањето на трошоците, зголемувањето на продуктивноста и подобрувањето на услугата кон нашите купувачи, веќе го правиме и мислам дека позитивниот резултат од минатата година ќе ни даде поттик за да сме уште подобри во тоа. Сѐ на сѐ, во Макстил владее внимателен оптимизам за наредната година. Во поширока смисла, тој оптимизам е понагласен поради повеќе структурни причини. На Европа и претстои енергетско осамостојување, комбинирано со премин кон обновливи или малкузагадувачки енергии. На Македонија и на нашиот поблизок регион му претстои (кога тогаш) бран на инфраструктурно подобрување за да се приближи до европските стандарди. Европските наменски фондови за излез од Ковид кризата се сеуште неискористени. Сето ова ни дава некаква сигурност дека ќе имаме солиден пазар за нашиот производ во наредните неколку години и се надеваме декаќе успееме тоа добро да го искористиме.
Интересна новина што за наредната година ја планира компанијата
Сето погоре кажано ни овозможи да отвориме еден нов инвестициски циклус во Макстил. Привршуваме во преговорите за нова странична ножица за лимови како и за нова печка за нормализација. Овие две инвестиции се веќе одобрени од Одборот на директори и нивната реализација ќе почне во 2023 година. Со тоа ќе ни се прошири продажната палета и ќе ни се намалат трошоците. Работиме и на зголемување на капацитетот на нашите вработени (почнувајќи од менаџерскиот тим), како и на подобрување на условите за работа на сите вработени. Заложбата за зголемување на безбедноста за нас секогаш останува приоритет. Генерално, колку тоа и да звучи како евтино клише, се надевам дека 2023-та ќе донесе мир и спокојство во светот, посебно во нашето опкружување, за да може полесно ипоуспешно да се посветиме на работата.
