ДИЛЕМИ: Ќе има ли ослободување на реинвестираната добивка во 2015?
Ослободувањето од плаќање на данок на добивка што беше воведено како антикризна мерка од страна на владата заврши.Од оваа година, компаниите повторно ќе треба да одвојат пари за да платат и данок на добивка.
„Новиот, или поточно старо-новиот систем на данок на добивка значи поголем даночен товар за компаниите. Во периодот од 2009 до 2013 година не се оданочуваше добивката што ја остваруваа компаниите, туку плаќаа т.н. данок на даночно непризнати трошоци. Добивката не се земаше во предвид при составување на даночниот биланс. Со промената на системот, за данокот на добивка за 2014 година, добивката како резултат од работењето на компаниите се зема во предвид при оданочувањето со данок на добивка со што се зголемува даночната основа и се зголемува даночниот товар за компаниите, вели Звонко Кочовски од консултантската куќа БДО.
Кочовски објаснува дека во член 48 од Законот стои дека „Даночните обврзници кои ќе вршат исплати на акумулираните добивки остварени во периодот од 2009 до 2013 година за дивиденди и други распределби од добивката по стапувањето во сила на овој закон имаат обврска да пресметаат и платат данок на добивка. Акумулираната добивка за 2013 година не е оданочена со данок на добивка. Taa ќе биде предмет на оданочување доколку се исплати како дивиденда.
„ Со оглед на тоа што добивката од 2013 година не е оданочена со данок на добивка, не може да се користи за реинвестирање во 2014 година и со тоа да се бара намалување на даночната основа на данокот на добивка за 2014 година, бидејќи тоа ќе значи дека реинвестираниот износ би бил двапати ослободен од ист данок, еднаш како дел од добивката остварена за 2013 година и втор пат како дел со кој се намалува даночната основа за 2014 година, по основ на реинвестирање со што би се платил помал износ на данок на добивка, вели Кочовски.
Може или не да се користи реинвестираната добивка?
Дел од консултантите сметаат дека измените не се прецизирани и може да внесат дополнителни забуни и нејасностии кај менаџерите по други основи.
„Оваа година согласно Законот не може да се користи реинвестираната добивка поради фактот што мора прво да се плати данокот на добивка па да се искористи можноста за користење на ослободувањето за реинвестирана добивка. За да истата може да се користи и оваа година законодавецот во собраниска процедура треба да донесе измена на Законот“,вели Горан Рафајловски од „Рафајловски консалтинг“.
Во Законот за данок на добивка не се кажува годината од која ние би почнале да ја користиме реинвестираната добивка, односно бенефициите од оваа мерка, сметаат дел од останатите консултанти.
„Со оглед на тоа што Законот е во примена од 2014 година, според она што го читаме во Законот ова дополнитено ослободување би требало да се користи и за добивката во 2014 година. Но, со оглед на тоа што во даночниот биланс првично на ова поле не беше дозволено влез од страна на УЈП, неофицијално го прочитавме ставот на УЈП дека не дозволува користење на намалување на данокот од добивка за 2014 година по основ на реинвестирана добивка. Сметаме дека официјално треба со став да излезе онаа институција која е со закон задолжена за толкување на Законот, а тоа е Собранието. Бидејќи, вака како што се оставени работите, даночниот ризик е голем за сите компании без разлика како ќе постапат“, вели Кристина Тилик од Нова Консалтинг и Едукација.
Бизнисмените немаат замерка
Од Сојузот на стопански комори на Македонија немаат замерки. Велат дека овој Закон е очекуван, бидејќи беше најавено дека станува збор за времена антикризна мерка, донесена како резултат на економската криза во Европа.
„Антикризната мерка беше во траење од пет години и следствено на тоа од 2015 година, ќе треба да се плаќа данок на добивка за износот кој нема да биде реинвестиран, но точно е и тоа дека секое дополнително оптеретување на компаниите значи дека можно е да има одредени потешкотии во работењето, вели Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Во 2011 година беа направени измените во Законот за данок на добивка кој се однесува заработењето на малите и микро даночни обврзници, со тоа што се воведоа измени со кои за остварен приход до три милиони евра не се плаќаше данок. Ослободувањето од плаќање на данокот на добивка и можноста за избор на моделот на оданочување беше во насока на поттикнување на приватната иницијатива и самовработувањето во Македонија, за што клучната улога во стопанството ја имаат токму малите и микро бизниси, наведоа тогаш одУЈП. Притоа се истакнува дека малите и микро трговци кои водат сметководство и изготвуваат годишни сметки согласно Законот за трговските друштва, и кои ќе остварат вкупен приход по сите основи до три милиони денари на годишно ниво, се ослободуваат од плаќање на годишен данок на вкупен приход односно данок на добивка. „Тоа значи дека даночниот обврзник кој остварил вкупен приход до три милиони денари на годишно ниво нема да подлежи на оданочување со годишен данок на вкупен приход односно данокот на добивка.
Од годинава, оваа мерка повеќе не важи, данокот ќе треба да се плаќа, но се отвораат нови дилеми во однос на реинвестираната добивка.
Н.С.
Слично
