Дилемата на Грците: со или без поткуп?
Грчкиот министер за борба против корупцијата е решен да врати во касата милијарди евра, скриени од даночните измамници за да се спаси земјата од банкрот. Но ќе успее ли во оваа намера?
Многу работа го чека Панајотис Николудис - новиот грчки министер задолжен за борбата против корупцијата. Бидејќи со корупција се сретнал речиси секој граѓанин на земјата и тоа на најразлични начини:
„Инструкторот ми рече пред испит: ако сакаш да земеш дозвола, ќе треба да дадеш „Fakelaki“ (плик со пари). Тогаш ќе можеш да управуваш на лесен и рамен терен, па и да заработуваш за испитот. Ако не дадеш, ќе те однесат на ридско место со многу кривини“. Вообичаената тарифа за добивање на возачка дозвола е 300 евра, раскажува еден млад Грк.
Министерот Панајотис Николудис сака да се бори против корупцијата. Тоа тој го смета за своја мисија. Пред да биде избран на оваа функција, 65-годишниот обвинител ја раководел службата за борба против перење пари. Сега е решен да се позабавува со „големите риби“ - оние кои кријат даноци од милиони евра.
„Имаме податоци за 3 500 очигледни случаи на даночни измами. Станува збор за криењето на огромно богатство во вредност од околу 7 милијарди евра. Околу 40 проценти од оваа сума се даноци кои се должат на државата - односно близу 2,5 милијарди евра. Но таа сепак не успева да си ги прибере, бидејќи и недостигаат даночни инспектори“.
Николудис тврди дека големите случаи на даночни измами во целата земја до овој момент биле истражувани од само 17 лица. Затоа тој сака што е можно побрзо да се обучат и назначат нови инспектори.
