ДИЛЕМАТА Е САМО ЕДНА-На колку ќе скокне нафтата?
Одлуката на ОПЕК да го намали производството на нафта би можела да ја подигне цената на „црно злато“ за дури 10 долари по барел сметаат аналитичари од неколку светски инвестициски банки.
„Планот за намалување на производството на ниво во распон од 32,5 до 33 милиони барели, дневно веројатно ќе им пружи поддршка на цените, барем на краток рок“, се наведува во извештајот на „Голдман Сакс“ кој и покрај тоа ја задржал својата проекција на цената на нафта за 2016 година и за наредната година.
Неизвесноста на пазарот, како што порачуваат од банката, ќе потрае и во наредните година дена, а производните квоти уште може да бидат надминати, дури и ако најновиот предлог се ратификува на формалото заседание на ОПЕК во ноември.
Членките на ОПЕК произведуваат повеќе од 40 отсто од светската нафта, така што координирано кратење на производството може да има директно влијание на односот помеѓу глобалната понуда и побарувачка, наведува њујоршката агенција.
Од американската банка Ситигруп порачуваат дека уште не се претставени детали за производствените квоти на секоја членка, што, како што велат, ќе предизвика „сериозен спор“.
Ситигруп предвидува дека до крајот на годината цените на нафтата ќе се движат во распон од 40 до 50 долари за барел, додека цената на нафтата од типот „брент“ ќе порасне на 60 долари за барел во 2017 година.
„Голдман Сакс“ прогнозира цена од 43 долари за барел во тековната година, и скок на 53 долари за барел во наредната година.
