ДИК викендов ја стартува теренската проверка
Државната изборна комисија викендов ќе ја започне теренската проверка на спорните гласачи од избирачкиот список.
Подготовките се при крај, по што ќе почнат работите на терен. Ќе бидат проверени 89.383 гласачи, кои по проверката на ИТ-експертите беа означени како спорни. Деновиве се вршат обуки на анкетарите што ќе ја вршат проверката, но и на контролорите од подрачните единици од Државната изборна комисија. За оваа работа ќе бидат ангажирани 374 анкетари.
„Ќе бидат испечатени онолку листови колку што лица ќе бидат предмет на проверка. Прашањата се поделени во три групи: лични податоци, адресата на живеење и забелешки што би ги имале анкетарите“ - вели Љупка Гугучевска од ДИК.
Анкетарите ќе ја вршат проверката секој ден од 8.30 до 19 часот, а од ДИК се надеваат дека целата постапка ќе заврши за најмногу две недели.
Ако лицето не е дома кога анкетарите ќе дојдат, тие ќе најават кога повторно ќе го посетат. Ако и втор пат не го најдат, тој ќе треба да отиде во подрачната канцеларија на ДИК.
Слично
