ДИК се согласи списокот со избирачи за теренска проверка ќе биде повлечен
Нема повеќе увид во Избирачкиот список за теренска проверка кој беше објавен на веб страницата на ДИК.
Имено, од ДИК едногласно одлучиле да го повлечат списокот и да го почитуваат решението кое го донесе Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Вчера од Дирекцијата на ДИК и забранија да обезбедува електронски пристап до личните податоци во Избирачкиот список, образложувајќи ја оваа одлука со две решенија.
Едното, е дека и се забранува ДИК да обезбедува електронски пристап до личните податоци во Избирачкиот список објавен на веб страницата на начин кој не е во согласност со прописите за заштита на личните податоци, додека пак, второто решение се однесува на забрана да објавува на својата веб страница лични податоци на физички лица (име и презиме, пол, адреса, место и општина, датум на раѓање, податок за иселени лица и број на гласачко место), содржани во Списокот на неконзистентни записи-предмет на теренски проверки.
Од дирекцијата посочија дека овие решенија се со цел да се спречи понатамошна повреда на правата на субјектите на лични податоци и нанесување евентуални штетни последици до донесувањето на решенијата.
