ДИК ќе поднесе прекршочна пријава против Иванов, ВМРО-ДПМНЕ не ја прифаќа логиката
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов, актуелен претседател на државата, ќе заработи прекршочна пријава од Државната изборна комисија (ДИК) заради предвремено почнување на претседателската кампања.
Со 4 гласа „за“ и 3 „против“ ДИК го прифати приговорот на опозицискиот СДСМ кој тврдеше дека Иванов со својот отчет предвреме ја започнал кампањата за претстојните претседателски избори.
Вториот приговор на СДСМ, кој се однесуваше на отчетот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, со кој се тврдеше дека и партијата предвремено ја започнала изборната кампања, е одбиен со 2 гласа „за“ и 4 „против“.
Околу одлуката за прекршочна пријава против Иванов, членовите на ДИК денеска водеа жестока расправа. Сашо Срцев побара приговорот на СДСМ веднаш да биде отфрлен заради технички пропусти, а Анета Стефановска пак, ја обвини најголемата опозициска партија дека „од успешната политичка кариера на Иванов, со ваквите приговори, партијата сака да креира своја кампања“.
Претседателот на Комисијата, Никола Рилкоски потенцираше дека доколку отчетот на Иванов бил промовиран кој било друг ден пред утврдувањето на кандидатите од страна на ДИК, немало да има никаков прекршок, но актуелниот шеф на државата го промовирал отчетот точно на денот кога бил потврден како кандидат од ДИК за претстојните претседателски избори.
На одлуката на ДИК реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која соопшти дека не може да ја прифати логиката по која денеска одлучувал највисокиот изборен орган.
„Не ја разбираме и не ја прифаќаме логиката што ја поддржале претставниците на СДСМ и останатите политички партии во ДИК, а која логика вели дека политичарите не треба и не смеат да дадат отчет за сработеното. Ова е очигледно заради тоа што другите партии и кандидати немаат со што да дадат отчет пред граѓаните. СДСМ очигледно се уплаши од отчетноста. Впрочем и што би правеле друго, дали тие сами би сакале да дадат отчет за својата работа во минатото? Што би кажале? Дека затворија 684 фабрики, дека избркаа од работа 200 000 луѓе, дека ги намалија пензиите? Ќе се пофалат ли дека направија штетна територијална поделба на државата?“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Слично
