ДИК: Aдресите во Избирачкиот список се од евиденцијата на МВР
Откако Државната изборна комисија објави веб страна со избирачкиот список социјалните мрежи и медиумите непрестајно известуваа за вишоци гласачи во нечии станови или пак мртви и иселени, па дури и вишоци од спратови во згради со фантомски гласачи.
Од државната изборна комисија денеска излегоа со соопштение во кое велат дека податоците во избирачкиот список со адресите се од евиденцијата на МВР.
Според процедурите и законите објавени на веб страницата на МВР, за да добиете лична карта треба да пријавите живеалиште. За да го направите тоа, треба да имате докази дека тоа е ваш стан или пак да приложите договор за закуп, но и да ја докажете вашата намера постојано да престојувате во земјата, односно потврда дека сте вработен, потврда дека децата ви посетуваат училиште во местото каде пријавувате живеалиште или доказ дека сте сопственик на фирма во Македонија и слично.
Од друга страна пак, денеска беа објавени и случаи кога гласачи биле регистрирани на адреси на државни институции.
Па така, петнаесет лица биле регистрирани како гласачи на булеварот „Илинден” каде е седиштето на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
За да се расчи хаосот во Избирачкиот список, ДИК ги повика граѓаните да помогнат во прочистувањето и да ги пријавуваат сите сомнителни случаи.
