Дијаспората ќе собира потписи за составување кандидатски листи
Сите заинтересирани граѓани на Република Македонија, кои се на привремена работа или престој во странство, согласно Изборниот законик имаат право да поднесат листа на кандидати за избор на пратеници во Собранието за изборната единица број 7, информираат од Државната изборна комисија.
„Собирањето на потписи ќе се изврши пред овластените лица на дипломатско конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство, секој ден, почнувајки од 25 април 2016 година до 4 мај 2016 година, во период од 8.30 до 19 часот, на пропишан образец од Државната изборна комисија, кој може да се симне од веб страната на Државната изборна комисија www.sec.mk“- стои во соопштението на ДИК.
Согласно Изборниот законик, кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица.
На парламентарните избори на 5 јуни дијаспората ќе гласа во една изборна единица, а не во три како што беше досега.
