Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дијагноза: полупразни рафтови! Има ли терапија за економскиот канцер - стагфлацијата ?

Дијагноза: полупразни рафтови! Има ли терапија за економскиот канцер - стагфлацијата ?

Ќе станат ли полупразните рафтови наше секојдневие? Дали може да ни се случи и „бетер“ од дивеењето на цените на нафтените деривати? Како Европа и светот ќе се справат со стагфлацијата – најголемата чума на современата економија? Борбата ќе биде многу болна, тешка и неизвесна...

Стагфлација е економска состојба од која превртува очи секој еден што теориски и практично ја разбира економијата. Иако има неколку економски школи, повеќе правци, стотици теории и илјадници стручни и научни мислења сите тие се единствено согласно само околу една работа – стагфлацијата за економијата е тоа што е и најлошиот канцер за човекот.

Стагфлацијата е економска состојба во која цените постојано растат, но и покрај  тоа се намалува производството. Спротивно на економската логика на слободниот пазар на кој невидливата рака на конкуренција треба да го прави стимулот, а цените ги носат во баланс понудата и побарувачката. Да, така е, стагфлацијата е феномен, но и болна реалност. Зошто се случува овој економски феномен? Затоа што цените на нафтените деривати се ресурс што ја шокира целата економија. Затоа што целата економија (производство, услуги, логистика) е базирана на потрошувачката на нафтени деривати. Првпат економските теоретичари и планери се соочија со стагфлацијата по првиот глобален нафтен шок во далечната 1973 година во кој земјите од ОПЕК „дигнаа ручна“ и го намалија производството и испораката за силните западни економии.

Цените на нафтените деривати дивеат веќе подолго време. И најстрашно е тоа што никој не може да ги стави под контрола. Светот станива лошо место за живеење на кое некој нафта „пазари“ на „бафтаана“ договори во четири очи, а друг го шиба камшикот на стоковите берзи. Економските лостови на балансот меѓу понудата и побарувачката се целосно пореметени. Последен фактор на глобалната неизвесност е воена агресија врз Украина заради која Европската унија во рамки на можностите „дигна рампа“ за руската нафта. Тоа ги крева цените на нафтените деривати на глобалните берзи. А цехот го плаќаме сите ние. Малопродажните цени на дизелот, бензинот, автогасот, керозинот и метанот уриваат рекорди во сите земји на европско тло, во САД, Африка, делумно и во Азија.

Затоа што „светот е глобално село“ овој глобален економски дебаланс, веднаш по заминувањето на корона кризата, веќе прави сериозни проблеми во производството и во логистиката односно во превозот на суровини, репроматеријали, ресурси, полупроизводи и готови производи. Расте неизвесноста, се менуват условите на плаќање и тргување, се менуваат цените за крајните потрошувачи. Нив ги фаќа паника, па купуваат првин повеќе одошто им е потребно и со тоа дополнително создаваат проблеми во ланците на снабдување и ги уриваат терминските шеми на производство и дистрибуција. И така секој нареден бран создава поголем и посериозен бран неизвесност за производителите. Токму тоа го сторнира редовното планирање на производството и се оди во импровизија која всушност значи прилагодување на моменталните услови „силом прилика“ за кои е целосно неизвесно колку ќе траат...

Македонската економија е целосно увозно зависна од нафтени деривати. Единствената македонска рафинерија за нафта е технологија која преработуваше руска нафта и порано во социјализмот популарно ја нарекуваа „мазутара“. Затоа што беше претежно наменета за опслужување на домашната индустрија која како погонско гориво го користеше мазутот. Сега Македонија претежно се снабдува со нафтени деривати кои се набавуваат од трговци или од рафинерии во соседна Грција.

Затоа што нема домашни нафтени ресурси, а руска нафта нема шанси да купиме затоа што сме НАТО членка која ги поддржа сите санкции кои може да и се удрат на Руската федерација ние сме целосно зависни од цените на нафтените деривати на светските берзи. А цените дивеат.

Во оваа ситуација Владата е немоќна да направи некој крупен чекор за да го заштити стандардот на населението и што е поважно да им помогне на домашните компании (т.е. на сите што работат и плаќаат даноци на македонска територија). Тоа што можеше Владата го направи пред 3 месеци со откажување од 44% од приходите од ДДВ на нафтени деривати. Епилогот го почувствувавме денеска со поскапување на малопродажните цени затоа што престана да важи мерката со која Владата се откажа од дел од приходите и ДДВ-то на бензини и дизел е повторно 18%.

„Шта ќемо сад“?

Растот на цените на нафтените деривати мулитплициран во сите економски сфери веќе видливо го нагризува стандардот на граѓаните. Затоа што цените на дериватите се чинители во малопродажните цени на сите производи (нафтата е енергенс од кој се произведуваат директно или индиректно сите продукти, а дизел и бензин трошат превозниците кои вршат достава до продавниците и потрошувачките центри).

Тоа значи дека во вакви услови на „ролек костер цени“ нема веќе среднорочно планирање, туку менување цени на секоја достава на роба или не дај Боже на дневно ниво. Тоа пак е катализатор на неизвесноста која е најголем непријател на производството. Првиот удар за полупразни рафтови се стампедата на потрошувачите мотивирани да трупаат залихи по пониски цени. И таа фаза помина. Сега сме во фазата која следи: дистрибутерите и продавачи тактизираат со достава на намирници затоа што производителите не можат да планираат среднорочно пред се заради цените на нафтените деривати кои дивеат и се целосно непредвидливи. Токму ова создава стагнација на производството, а резултат на тоа и понатаму ќе бидат полупразни рафтови на кои сигурно ќе има повисоки цени.

Дали е пострашно да се жалиме на високи цени или да се соочиме со недостиг од основни продукти?

Р. Ф.

ФОТО: EPA/FRANCK ROBICHON

Слично

Поврзани вести