Дијабетичарите се заканија дека ќе кампуваат пред Министерството за здравство
Дијабетичарите бараат надлежните да не вршат притисок врз лекарите да препишуваат неквалитетен инсулин, и ако ова не се реши се заканија дека ќе кампуваат пред Министерството за здравство.
Сметаат дека единствен услов за набавка на инсулин во тендерите не треба да биде само цената, туку и квалитетот. Десетина здруженија на дијабетичари од Македонија денеска побараа да престанат притисоците врз лекарите да препишуваат неквалитетен инсулин и да се набават доволно игли и глукомери.
„Доколку овие барања не се исполнат ние сме подготвени да кампуваме пред Министерството за здравство. Се случува да ве вратат назад и да ви речат да се вратите за три дена. Тоа на сите ни се случува. Не се води грижа како пациентите ќе го поминат периодот додека немаат инсулин. Набавката на евтин инсулин по секоја цена е голем проблем“ - вели Цвете Серафимовски, претседател на Баланс МК асоцијација за детски дијабетес во Македонија.
Дијабетичарите велат дека имале притисоци деновиве да не излегуваат на прес-конференција да говорат на оваа тема. Ако немаат слух за нивните барања надлежните, тие ќе кампуваат пред ресорното министерство.
