Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дијабетесот во пораст, во земјава 35.000 луѓе примаат инсулин

Дијабетесот во пораст, во земјава 35.000 луѓе примаат инсулин

Бројот на заболени од дијабетес се зголемува во светски рамки, но и кај нас.

Секоја година расте бројот на лица заболени од оваа болест. Кај нас околу 120.000 луѓе се заболени од дијабетес, а 35.000 примаат инсулинска терапија. Мора да се прават превентивни прегледи , да се подигне свеста кај населението за ризик факторите за појава на дијабетес како што се исхраната, физичката неактивност, зголемената телесна тежина, стресот, велат лекарите.

„Секоја година имаме податоци дека се зголемува бројот на заболени од дијабетес. Значи и преваленцата односно вкупната стапка на заболени на 100.000 жители и инциденцата односно бројот на нови случаи на годишно ниво се зголемуваат“-вели Игор Спироски, научен соработник од Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Доктор Горан Петровски од Клиниката за ендокринологија, објаснува дека дијабетес и болести на метаболизмот во светот имаат околу 350 милиони лица со дијабетес.

„Треба да се земе предвид дека на секое откриено лице со дијабетес има уште едно неоткриено лице со дијабетес. Добро е што ги имаме оние превентивни прегледи, бидејќи на тој начин може на некој начин да се откријат и останатите лица со тип 2 дијабетес, бидејќи сите оние знаци и симптоми на дијабетесот не мора да значи дека ќе бидат присутни кај сите пациенти“ - додава Петровски.

На оваа тема се говореше по повод Светски ден на здравјето, кој годинава се одбележува под мотото „Да го победиме дијабетот“.

Според проценките на Светската здравствена организација, дијабетесот до 2030 година ќе се искачи повисоко од сегашната ситуација во однос на морталитет и  морбидитет. Од дијабетесот компликации има 8,5 % од вкупната популација во светот.

Слично

Поврзани вести