ДИГИТАЛНА ЕРА: Уште има фирми што работат само со молив и хартија
Компјутер, лаптоп или мобилен телефон може да се видат во секоја канцеларија, дуќанче или работилница. Тие се неопходни за успешно работење, а без стабилен и брз интернет е речиси невозможно да се води добар бизнис. Дека информатичките технологии многу го олеснуваат и го подобруваат бизнисот им е јасно на огромен дел од македонските стопанственици, но сепак се уште има фирми во земјава кои работат само со молив и хартија. Според податоците од Државниот завод за статистика за јануари 2017 година, без компјутер работеле во 4,8 отсто од околу 3.111 активни фирми со повеќе од десет вработени, а интернет немале во 7,6 отсто од нив. Овие проценти се секако поголеми во фирмите со помалку од десет вработени, кои и го сочинуваат најголемиот дел од македонската економија, односно нивниот број е околу 56.000 од вкупно 71.000 активни деловни субјекти.
Но, за да се биде дел од дигиталната ера не е доволно само да се стави компјутер на бирото и да се поврзе на светската информатичка мрежа.
- Веб-страницата е излог кон светот за една компанија. Преку неа, се продаваат производи и услуги на сите континенти без трошоци за изнајмување деловен простор. Без веб- страница, секоја фирма е невидлива за модерниот потрошувач, кој повеќе време поминува на интернет отколку да шета по трговските центри. Но, овој излог мора да биде направен според одредени стандарди, секоја импровизација може да се врати како бумеранг- вели Христијан Ивановски, веб- дизајнер.
Расте употребата на социјалните мрежи
Околу 49 отсто од фирмите имаат сопствена веб-страница, но според статистиката, присуството во сајбер- просторот е поважно за поголемите фирми бидејќи веб- страница имаат дури 80,3 отсто од деловните субјекти со повеќе од 250 вработени.
Од фирмите што имаат веб- страница, 80 отсто на веб- страницата имаат обезбедено опис на производите или услугите и ценовници, 59 отсто имаат наведено линкови или референции до нивните профили на социјалните медиуми, а 21 отсто обезбедиле онлајн нарачување или резервирање.
Иако 63 отсто од деловните субјекти на своите вработени им обезбедиле преносливи уреди како нотбук, лаптоп или паметен телефон, со кои се овозможува 3Г/4Г мобилна конекција на интернет, само 14,5 отсто од вработените ги користеле овие уреди за деловна намена.
Од година во година расте употребата на социјалните медиуми, блогови, веб-страници за споделување на мултимедијална содржина, како „Фејсбук“, „Линкедин“, „Твитер“, „Јутјуб“ или вики- алатки за споделување знаење. Околу 54 отсто од македонските фирми ги користат овие канали за презентација на својата дејност пред јавноста и клиентите.
Статистичките податоци покажуваат дека македонските фирми се уште многу малку ја користат е-трговијата, односно процентот на веб- продажбата во споредба со вкупната продажба изнесува 1,7 отсто. Така само 10,3 отсто од вкупниот број деловни субјекти со 10 или повеќе вработени купувале или продавале стоки или услуги преку компјутерски мрежи. И во овој случај поактивна улога во електронската трговија имаат поголемите фирми, со повеќе од 250 вработени, па дури една петтина од нив (19,4 отсто) своите производи и услуги ги продаваат на интернет- пазарот.
Е- трговијата носи 16 отсто во приходите на фирмите во ЕУ
Македонија стои релативно добро во однос на употребата на интернетот во деловни цели во споредба со просекот на Европската Унија. Податоците на Евростат покажуваат дека 92 отсто од фирмите со повеќе од десет вработени во ЕУ имаат фиксен широкопојасен пристап до интернет. Во последниве години европската статистика забележува стагнација на овој процент, што укажува на заситеност на пазарот, но затоа е забележлив големиот раст на употребата на мобилен интернет за деловни цели.
Три четвртини од фирмите (77 отсто) во ЕУ имаат веб- страница, а една петтина (20 отсто) остварија продажба во електронска трговија во 2015 година, што претставува зголемување од седум процентни поени во споредба со 2008 година.
Најактивни во електронската трговија се ирските фирми (30 отсто), а со учество поголемо од 25 отсто можат да се пофалат Холандија, Белгија, Чешка, Шведска, Германија и Данска. Од другата страна, на дното со најмал процент на претпријатија кои користат интернет- трговија, 10 отсто или помалку, се Летонија, Бугарија и Романија.
Инаку, во ЕУ, е- трговијата учествува со 16 отсто во вкупните приходи на претпријатијата со повеќе од 10 вработени.
(М.Б.)
